ФБ СТАТУС: ГОРДАНА ПОРЧУ

Сподели

Всушност, ние сме болни. Боледуваме како нација од една сериозна болештина која се распослала како епидемија во очите ни, во срцето ни, во душата ни наша затворена зад врати со катанци. Боледуваме од изгубениот механизам на радување, да ви кажам. Она искрено, гласно, пенливо, облечено во нас кога се смееме.
Постелите животни ни се полни со тела кои денот го изодат онака како мораат, попат полнејќи си ја душата со чемер, нозете со умор, мозокот со прашања, очите со безнадежност. Гледаме околу себе како да не ни се случува нам, знаете. Како да ова сценарио треба да го одживее некој друг. Како да имаме дублери кои наместо нас ќе ги одиграат каскадерските сцени во кои паѓаме право на душата и си ги кршиме сите коски кои би требало да не држат исправени. Ги кршиме.
Боледуваме од нерадост. Од изгубени насмевки. Од неискреност кога се ракуваш со пријател, со колега, со сосед. Оти веќе не знаеш има ли бодеж во окото кога те гледа. Од потребата да се скриеш онаму каде е Твоето и да не пуштиш никого внатре. Од ѕиркање на улица од зад затемнет прозорец, за да видиш дека ти не си таму. Од механичко битисување во фазонот “Не е ова моја работа. Добро ми е. А полошо? А ич?”
Боледуваме од молчење. Од загубен збор. Од заталкан пат по кој зборот се движи, гласен, исправен, вистински. Остава ехо зад себе. Трае.
Од немање мајстори кои ни живеат во крвотокот и кои умеат да не реновираат, да ви кажам. Да ни ја молерисаат собата во која ни живее окото. Да си ги отвориме после прозорците зад чипканите завеси кои се убави само ако има ветер во нив.
Боледуваме назабени од времето кое си го викаме Живот. Она парче од нашето време во кое децата ни одат, а ние им мафтаме држејќи си ги очите зарака за да не ни истечат. Време во кое се е заминато по ѓаволите, а ти знаеш и кој, и кога и зошто. Знаеш.
Да. Боледуваме од нерадост. Од изгубена потреба човечка да се сетиме кога последен пат сме биле искрени. Чесни. Топли. Сити во душата. Борбени. Актери во програмата во живо, наместо мајстори на плејбекот.
Борци наместо глувци. Ридови наместо подножја.
Човек наместо луѓе. Луѓе наместо човек.

Фб статус, Гордана Порчу