„Настојувам на сѐ да се смеам, и тоа од страв дека инаку би морал заради сѐ да плачам.“
Бомаршо
Дресирањето значи скротување, обучување, дотерување, увежбување. Зборот дресура доаѓа од германскиот збор dressiere (основата на зборот потекнува од латинското dis+rego со значење да се исправи, да се постави на правец), и најчесто означува „учење“ на одредени видови на животни да прават она што им одговара на дресерите. Но, може да се дресираат и луѓето, со цел да се постигне скротено, правоверно мислење. Со дресурата се постигнува одредена личност да мисли онака како што сака дресерот и да го прави она што за што е извежбан, односно да се натера да го прави она што е потребно и корисно за оној што ја применува дресурата. Јасно е дека преку дресурата на мислата се постигнува некритички однос на оној кој е дресиран кон својот дресер, или кон некаков идол и идеал. Во секој случај, дресурата на мислењето е начин на човеково отуѓување од човештината, односно дресурата е начин преку кој човекот од слободно суштество се претвора во предмет или инструмент за задоволување на нечии потреби и профити.
Значи, може да се рече, дресираниот човек е човек по својот изглед, но не и по својата суштина. Во стварност, дресираниот човек е КЛОН, односно креација на своите дресери. Со циркуски речник кажано, дресираниот човек е или КЛОВН, односно забавувач, комедијант, шегаџија, акробат, жонглер, смешно и несмасно облечен циркуски артист, или е ГЛАДИЈАТОР кој се бори на живот и смрт. Оттаму, воопшто не зачудува што светот денес сѐ повеќе на многумина им наликува на ЦИРКУС! Значи, може да се констатира дека со зборот „циркус“ може да се означува оној вистинскиот циркус, кој, во суштина, претставува фикција, и тоа една меѓу последните во нашиот реалистичен свет, но, истовремено, може да се употребува и за да се опише и објасни владеачкиот политичко–економски „глобализам“. Во крајна линија, поимот „циркус“ опфаќа голем број „циркузирања“, како секојдневно присутна активност на малограѓанштината, која истовремено е и смешна и грозоморна.
И како што секој вистински циркус има своја арена каде се одвива претставата, и денес целиот свет е претворен во арена, на која се одвива секојдневна безмилосна експлоатација која носи профит, или на која се водат војни за контрола на енергентските ресурси, за потчинување, за сопствено збогатување… Значи, светот, во стварност, е крвав подиум за умножување на капиталот, а во улога на артисти кои ја изведуваат „најспектакуларната циркуска претстава“ (Сара Груен, „Вода за слонови“), и истовремено, во улога на публика, се јавуваат скоро сите жители на земјината топка. За да заработат и преживеат, луѓето се приморани на циркуската арена да изведуваат различни претстави во кои, на овој или оној начин, мора да постојат разни salta mortale, или да аплаудираат и одобруваат без разлика што се прикажува или колку е тоа добро и квалитетно.
Така, светот денес е претворен во многу жално место за егзистирање. Лицемерието е општоприфатен начин на однесување и одигрување на улогите. Оттаму, најчесто, со полн глас, со бескрајна почит, се зборува за „човечкиот живот“, а всушност, сосема спротивно, секојдневно се уништуваат безбројни човечки животи, непрестано и систематски се гази преку човечки трупови и врз човечкото достоинство, за на крајот, фактички само малкумина да живеат со живот достоен за човек! Всушност, преку дресура на мислењето, катадневниот живот се става меѓу загради, односно се настојува човечкиот живот да се направи бесчувствителен и докрај да се исконтролира, за никој да не направи нешто непредвидено и штетно за „господарите на капиталот“. Сето останато е само циркуска претстава на „живеењето“, или живот без големи надежи во иднината!
Дресурата, како содржина на духот, содржина на стварноста и историјата, постоела отсекогаш. Таа обично се оправдувала со „високи државни интереси“. Така, уште Платон во својата „Држава“ пишувал дека владетелот може да лаже кога тоа е во „државен интерес“. Всушност, со терминот „државен интерес“ се оправдува и фаворизира нужноста од потребата државата, поправо кажано највисоките функционери, да се ослободат од моралната одговорност за кражбите, лагите, убиствата, перверзиите… Денес, за да се одржи овој неправеден и антихуманстички систем, се смета дека е потребно да ги дресира луѓето да мислат само на дозволени нешта и да извршуваат работи само за да создаваат профит.
Целиот систем на дресурата на човекот се темели на – верувањето! Преку награди и казни, преку метод на „леб и игри“ (лат. „panem et circenses“), или преку систематско „перење на мозокот“ во образовниот и културниот систем на вредности, луѓето треба да се уверат и се уверуваат дека постои само една вистина и еден модел на организација на животот – вистина што ја застапуваат владеачите и организација на животот која на малкумината привилегирани им носи баснословен профит. Оттаму, дресурата на човечкото мислење секогаш подразбира некаков религиозен однос кон нешто или некого. Најчесто тоа е обожување на Бог, како „највисок и непогрешив“ демиург или тотално, безрезервно верување во непогрешивоста и непроменливоста на општествено–економските институции на државата или владеачкиот систем. И во двата случаи како главна карактеристика се јавува хиерархиското мислење и организирање, па се подразбира дека во Бог или во државно–економскиот систем не смее да се изразува никакво сомневање. Едноставно, било каква помисла да се оспори врховниот авторитет е недозволива. Секако, црковната хиерархија се изедначува себеси со Бог, а овоземската бирократија – со „највисоките планетарни идеали“ за слобода, приватна сопственост и пазарно стопанство.
Циркусот „Македонија“
Она што се случува на глобалната сцена кај нас добива гротескни размери. Под нашиот минијатурен циркуски шатор се случуваат најапсурдните ситуации и се одигруваат најсмешните претстави. Така, според едни циркуски забавувачи, ние сме ти биле „центарот на светот и вселената“, па сѐ што е важно цивилизациско достигнување, потекнувало од кај нас… Според други, кои јас би ги нарекол „смешни фаталисти“, државата во која живееме секојдневно се распаѓа и ја снемува. Така, на пример, неодамна еден ни ја прорече судбината на Хазарите. Досега, според нивните многубројни предвидувања, требаше веќе одамна да нѐ нема како нација и држава. Неостварувањето на таквите предвидувања воопшто не им пречи повторно, и повторно, и повторно…, да го проектираат исчезнувањето за некое друго идно време. Според трети, преку инстант образование и факултет на секој „трет чекор“, ќе сме станеле „најучената“ нација на светот, преку изградба на спортски сали „најспортската“, а преку масовна изградба на цркви „најрелигиозната“ нација… Секако ова „нај–нај“ редење, може да продолжи, но е бесмислено. Едноставно, човек не знае дали да се смее или да плаче на вакви грандиозни глупости.
Во секој случај, во овој наш локален циркус, преку дресурата на мислење, мнозинство на луѓе се претвораат во кловнови кои веруваат, или во непогрешливоста на локалниот свештеник, или во мудроста, способноста и непогрешливоста на политичкиот водач. Всушност, економските олигарси и партиските бирократи, преку дресурата на мислењето во кое е вклучено беспоговорното верување, се заштитуваат себеси од критика и си обезбедуваат терен за непречено профитирање врз потта и несреќата на други луѓе.
„Највесело“ и „најинтересно“ е пред секои нови избори за добивање власт. Тогаш циркузирањето достигнува кулминација, па се зборуваат најглупави глупости, се ветуваат најспектакуларни достигнувања и најбесрамно се лаже. Низ улиците, безмилосно китени со знамиња, плакати и пароли, во атмосфера на победничко самозадоволство, пропагандата ја дресира мислата на повеќето наши сограѓани во насока на верба во локалните политички лидери и во остварување на сонот за брз економски прогрес.
Со дресурата на мислењето, кај нас вистинските етички и социјални поими целосно ја загубиле вредноста. Скоро никој сериозно и не расправа за слободата, правдата, вистината, доблеста, рамноправноста…, туку толпи од незнајковци, малограѓани, силеџии и морални блудници, едни на други непрестано урлаат и викаат, плукаат и пукаат, а сѐ со цел да ја имаат власта, преку која ќе можат да изнудуваат, пљачкаат, уценуваат… Затоа, гледаме дека во целиот овој колосален метеж на различни содржини и непрекинато нереални и настрани третмани на стварноста, лагата и смртта премногу често се емитуваат на домашната општествено–политичка циркуска програма.
* * *
Како да излеземе од циркусот наречен „нов светски поредок“? Нема дилема дека на дресурата која врз нас ја применуваат треба да ѝ се спротиставиме во името на хуманизмот, правдата и слободата. Во името на сопствената – човечка суштина! Можностите за спротиставување се мали, оти правоверните чувари се на секој чекор. Секојдневно се усовршуваат техниките на дресура и техничките помагала за нејзино изведување (воено–полициските технички средства, медиумска пропаганда, средствата за прислушкување и снимање…)
Сепак, можности постојат!
Макс Хоркхајмер запишал дека „постојат два типа на луѓе. Мнозинството луѓе се покорува. Таквиот ‚покорен тип’ сѐ повеќе преовладува. Тој се служи со имитирање, па од човечко суштество се претвора во член на организацијата. Наспроти него, е ‚тип на отпорот’ кој живее живот на судири и осаменост и тој не ја жртвува вистината на владеачките стандарди.“
Во секој случај, еден од начините на спротиставување е со критика на сѐ. Критика која ќе значи да се покаже со прстот на сѐ што е неморално, злобно, малограѓанско, експлоататорско, антимакедонско, врховистичко… Критика која, всушност, ќе значи дека за сѐ и за секого во Циркусот, може и треба да се расправа. Критика, која најпрво ќе создаде свест дека треба да се излезе од Циркусот, а потоа, свест дека треба да се живее со вистината, правдата, еднаквоста, рамноправноста… Дури на крајот ќе следи размислување на кој начин да се најде излез. Дури тогаш, можеби, ќе следи сеопшт бунт против сопствениците и менаџерите на Циркусот.
/ Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“,Аз–Буки, Скопје, 2012