Портпаролот на Националната алпинистичка и спелеолошка спасувачка единица (ЦНСАС) во Италија, Валтер Милан, истакна дека продолжуваат спасувачките операции за исчезнатите 30 лица на местото каде се спушти снежна лавина по земјотресите што вчера ја погодија државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на ЦНСАС, Милан, кој учествува во спасувачките операции во местото каде што лавина го затрупа хотелот „Ригопиано Гран Сассо“, во западиот дел на градот Пескара, Италија, даде изјава за АА во врска со активностите на екипите за спасување.
Милан истакна дека спасувачките операции поддржани од противпожарната екипа се спроведуваат со екипа од 50 лица. „Во моментов не можеме да дадеме конкретен број на загинати и повредени. Нашите операции продолжуваат. Сигурни сме дека има луѓе заробени во лавината“, рече тој.
Портпаролот Милан исто така истакна дека спасувачките операции се вршат со големо внимание, бидејќи постои можност заробените лица во лавината да се сѐ уште живи. „Не можеме да употребуваме возила или помошни средства во спасувачките операции, со цел да не ги повредиме луѓето заробени во лавината. Затоа напредуваме копајќи рачно“, изјави Милан.
Генералниот директор на Цивилната заштита, Фабрицио Чурчо, во утринските часови соопшти дека 30 лица се водат како исчезнати, меѓу кои 20 гости на хотелот и 10 членови на персоналот.
Од друга страна, италијанскиот премиер Паоло Џентилиони, е во градот Риети, каде што е формиран кризен штаб со цел да се следат случувањата поврзани со земјотресот и лавината во оваа зона.