УНЕСКО: Уништена речиси третина од древниот град Алепо

Сподели

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) објави дека околу третина од древниот град Алепо е уништена за време на војната во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).

Од понеделикот до вчера, во текот на оваа недела, УНЕСКО спроведе итна мисија во Алепо за да се процени штетата на објектите коишто претставуваат светско културно наследство. Утврдена е значителна штета на големата џамија „Умајјад“, тврдината Цитадели и на други историски градби.

Во соопштението од УНЕСКО се наведува дека околу 60 отсто од стариот град Алепо е тешко оштетен, а од тоа 30 отсто се сосема уништени површини.

Претставниците на УНЕСКО се состанаа со претставниците на градската власт и од невладините организации во Алепо и предложија древниот град да се прогласи како „зона на итност“.

Силите на режимот на Башар ал Асад во декември го зазедоа Алепо, со што е завршена четиригодишната опсада на деловите од најголемиот и најважниот град во Сирија што беа под контрола на опозициските сили.