ЛДП: Екстерното тестирање е класично насилие врз волјата на граѓаните

Сподели

 

Утре завршува зимскиот распуст и продолжува учебната година, а со тоа продолжуваат и фрустрациите за околу 20.000 матуранти, но и за нивните родители и блиски, како и за наставниците. Екстерното тестирање, бесмислениот хир на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, предизвика вистинска ноќна мора за огромен дел од граѓаните. Нелогично е само со прашања со заокружување, кои треба да се научат напамет, да се проверува знаењето на учениците.

И покрај противењето на експертската фела и повиците за квалитетна расправа за оправданоста на екстерното тестирање, власта тврдоглаво се држи за овој несоодветен проект. Ова, заедно со низа други лоши проекти, како и севкупната погрешна образовна политика се причини за низа слабости во образовната сфера.

Новата влада, од која дел ќе биде и Либерално-демократската партија, ќе го укине екстерното тестирање и ќе реализира повеќе квалитетни проекти кои ќе доведат до унапредување на образованието на сите нивоа.

Над 612.000 граѓани во Македонија гласаа за промени. Граѓаните во Македонија кажаа дека се против екстерното тестирање, кое не донесе ништо добро на образованието, освен што ги трауматизира учениците и прави притисоци врз наставниците, професорите и родителите. За сите штетни последици врз учениците, наставниците и професорите и родителите ќе мора да има одговорност.

Непочитувањето на ставот на мнoзинството граѓани од страна на власта во заминување, која што и во јануари ќе спроведува екстерно само да го задоволи сопствениот каприц, е класично насилие врз волјата на граѓаните.
Како што ветивме во ‘Планот за живот’, екстерното тестирање ќе го укинеме на првата владина седница. Затоа е потребна нова, транспарентна и одговорна Влада на граѓаните на Република Македонија.