Трамп: САД ќе вложат напори за решавање на проблемите на Блискиот Исток

Сподели

Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за израелско-американските односи, како и за утврдување на безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).

„Трамп и Нетанјаху се согласија дека ќе бидат во близок контакт во врска со многу прашања, вклучувајќи ја и заканата од Иран. Трамп изјави дека безусловно ќе ја поддржи безбедноста на Израел и дека еден од приоритетите на неговата администрација ќе биде борбата против ДЕАШ и другите радикални организации“, се вели во соопштението од Белата куќа.

Лидерите разговараа за прашањето на односите меѓу Палестина и Израел, а Трамп смета дека единственото решение на прашањето за Блискиот Исток е дијалогот меѓу двете земји, и дека САД ќе вложат напори за да се стигне до таа точка.

Претседателот на САД, Доналд Трамп го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на средба во почетокот на февруари.

Првиот гостин од странство во Белата куќа, откако на власт дојде Доналд Трамп, ќе биде премиерката на Велика Британија, Тереза Мај.

Таа в петок, во Вашингтон ќе се сретне со претседателот на САД.