МВР го испитува протекувањето на лични податоци на 4.739 студенти

Сподели

 

До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на Министерството за внатрешни работи (МВР) не стигнала пријава и поради тоа сè уште не се води никаква постапка во врска со протекувањето на околу 5.000 лични податоци на студенти од неколку државни и приватни факултети во земјава. Сепак, од Секторот за „Мета“ велат дека тие по службена должност го испитуваат случајот и своите наоди ќе му ги достават на надлежното јавно обвинителство.

„Ве известуваме дека до нашиот сектор не е доставена пријава и поради тоа сè уште не се води некакава постапка. Но, мораме да Ве потсетиме дека поради службена должност, од нашиот сектор се прават првичните чекори, односно собирање на податоци за вистинитоста на инцидентот, како и за другите околности кои потоа ќе бидат презентирани до надлежното јавно обвинителство“, стои во одговорот на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР.

Прашањата на „Мета“ беа: „Дали МВР води истрага во врска со протекувањето на лични податоци на 4.739 студенти од неколку државни и приватни факултети во земјава?“ и „Дали од страна на Дирекцијата за заштита на лични податоци, која најави инспекција во врска со случајот, е побарана асистенција на МВР?“.

Во зависност од наодите на МВР, надлежното јавно обвинителство треба да одлучи дали ќе поведе кривична постапка во врска со случајот.

Инаку, во Кривичниот законик за делото злоупотреба на личните податоци се предвидени од парична казна до затворска казна до три години.

Личните податоци, како број на индекс, адреса на живеење, град, телефонски број, лозинка за електронска пошта биле испратени на адреси на стотина студенти, преку официјалниот меил на Машинскиот факултет. Инцидентот беше откриен на средината од минатиот месец, а Дрекцијата за заштита на лични податоци почна со вонредна инспекција за расчистување на случајот.

Директорот на ДЗЛП, Горан Трајковски, минатата недела изјави дека „вонредниот инспекциски надзор на Машинскиот факултет е во завршна фаза“, и дека сè што е алатка на законот во поглед на санирање на настанатите штети, веќе е преземено од Машинскиот факултет, а според насоки од ДЗЛП.

Засега нема информации дали во случајот станува збор за грешка или за упад во компјутерски систем.

meta.mk