Пратениците на денешната 103. пленарна седница во Собранието треба да одлучуваат за формирање Комисија за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов, поради неговата одлука за аболиција на политичари и нивни соработници.
Оваа точка не беше дел од дневниот ред, што службата за односи со јавност на Собранието, ја достави утрово до медиумите, за подоцна да биде додадена, како надополнување на агендата на Законодавниот дом.
Доколку пратениците ја изгласаат одлуката за формирање на „Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија“, таа за седум дека треба да изготви извештај за основаноста на предлогот на опозицијата за импичмент и да го достави до претседателот на Собранието Трајко Вељановски.
Потоа тој треба да закаже нова седница на која ќе се дебатира за извештајот и за предлогот на опозицијата.
За да биде изгласана предлог-одлуката потребно е двотретинско мнозинство.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во петокот, минатата недела изјави дека тие нема да гласаат за формирање на Комисијата, бидејќи сметаат дека Иванов не го прекршил Уставот „без разлика дали некому тоа му се допаѓало или не“.
Тој ги повика иницијаторите за формирање на ваквата комисија да ја повлечат одлуката, бидејќи таа според него нема уставна подлога.
http://meta.mk/komisijata-za-impichment-na-ivanov-deneska-na-dneven-red-vo-sobranieto/