Претседателот, Ѓорге Иванов во петокот, минатата недела, реши да ги поништипомилувањата на 22 политичари од вкупно 56 аболирани лица, одлука која наиде на жестоки критики од претставниците на меѓународната заедница.
Денеска, според најавите, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да излезе со официјален коментар за поништувањето на аболицијата за 22 лица. Во кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева ги чекаат комплетните материјали за лицата за кои е поништена аболицијата и за кои кривични дела се однесува таа.
Од СЈО во петокот за „Мета“ неофицијално рекоа дека дека одлуката за поништување на помилувањата треба да се спроведе за сите лица, а не едни да бидат опфатени, а други не.
– Наш став е дека не постои оправдување за селективен пристап кога станува збор за реализација на владеењето на правото и спроведувањето на правдата – ни изјави портпаролката на СЈО, обинителката Ленче Ристоска.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, истиот ден, ја критикуваше одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за повлекување на аболицијата за само 22 лица.
„Одлуката на претседателот Иванов да ја поништи аболиција на одреден број луѓе не е доволно. Како што ЕУ истакна во повеќе наврати, сеопфатно решение е клучот за да се избегне селективната правда“, напиша Хан на „Твитер“.
Од амбасадата на САД во земјава, со идентичен тон посочија дека „парцијалните или селективни поништувања на помилувањата само ќе допринесат кон растечкото чуство за неказнивост во земјата“.
Селективната аболиција не поминува кај меѓународната заедница