Министерот за правда на Романија, Флорин Иордаке денеска си поднесе оставка на функцијата по масовните протести кои избувнаа во земјата поради уредбата на владата за ублажување на антикорупциските прописи, јавуваат агенциите.
Иордаке изјавил дека уредбата која тој ја подготвил била „легална и уставна“, но не наишла на поддршка од јавноста и не успеала да го смири јавното мислење. Романската влада ја повлече спорната уредба, од која корист ќе имаа голем број политичари во земјата, откако стотици илјади Романци излегоа на протести на улиците во сите поголеми градови, со став дека таквиот закон би ја загрозил борбата против корупцијата.
Романската социјалдемократска влада вчера го „преживеа“ гласањето за нејзина доверба во парламентот каде има убедливо мнозинство.