Меѓународен ден на возење велосипед до работното место во зима: “Winter bike to work day”

Сподели

По третпат, во Скопје денес се одбележува меѓународниот ден на возење велосипед до работното место во зима (Winter bike to work day).

Од иницијативата „НаТочак“ велат дека Winter bike to work day е годишен настан кој го слави превезувањето со точак во зима. Започнал во Канада пред 5 години, а изминативе 3 години се одбележува во стотици градови во светот.

„Што треба да направиме? Треба само да се обврземе дека ќе се превезуваме на точак на 10-ти февруари до работа, до школо, до факултет, каде и да одиме; без оглед дали возиме или не возиме точак во зима, без оглед какви ќе бидат временските услови тој ден.  Замислете свеж зимски ден со многу луѓе на точак низ градот и тоа се случува синхронизирано во светот!  Ајде да пробаме. Ако веќе возите точак во зимa, охрабрете ги пријателите да пробаат, макар на ден. Кажете им дека тоа за првпат го прават и други илјадници луѓе како нив во светот!“, стои во повикот од „НаТочак“.

Секој може да се регистрира на САЈТОВ, и да „даде збор“ дека денес ќе вози со велосипед на оваа МАПА.

„Различни организации, компании, училишта, јавни институции може да направат свои настани, може да се доделуваат награди за вработените/учениците, може дури и различни училишта или компании да се натпреваруваат меѓу себе: во број на вработени/ученици кои ќе пристигнат на точак, во извозени километри. На сајтот покрај топ градови од оваа година има и топ компании, топ универзитети и топ школи со најмногу пријавени учесници“, соопштува „НаТочак“.