ВМРО-ДПМНЕ продолжува со протести во Охрид против СЈО

Сподели

 

По вчерашните протести на членството и на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, против, како што велат, притисоците на СЈО, раководството на локалниот разгранок најави дека тие ќе продолжат и во наредните денови.

Во меѓувреме, се огласија од општинскиот разгранок на СДСМ во Охрид, од каде, како што велат, ги охрабруваат вработените во јавните институции да не подлегнуваат на паничните реакции на криминалната власт во заминување, заинтересирана само за сопствената кожа и исплашена од правдата.

„Ја предупредуваме локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и градоначалникот Никола Бакарачески веднаш да престанат со притисоци кон вработените во Општата болница, училиштата, градинките, јавните претпријатија, во обид да ги изнесат луѓето на протести. За сите евентуални закани и уцени врз вработените од страна на нивните претпоставени, ќе следува одговорност. Македонија ќе биде правна држава и законите мора да важат еднакво за сите“, се вели во соопштението на СДСМ.

СЈО деновиве испратило покани до близу 200 лица за информативен разговор во врска со финансирањето на партијата и со личните донации за време на изборите во 2014 година.

Функционерите и членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и актуелни и поранешни директори на државни институции и служби, здравствени организации, јавни претпријатија и истакнати членови на партијата, биле повикани пред тим од истражители на СЈО, дојдени во Охрид.

Покана за распит добиле и претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, кој сега е и пратеник во Собранието, како и другиот пратеник од овој град, Сашо Василевски.

meta.mk