Советникот на Трамп за национална безбедност поднесе оставка

Сподели

Советникот на американскиот претседател Доналд Трамп за национална безбедност, Мајкл Флин, доцна вчера поднесе оставка, по наводите на медиумите дека разговарал со рускиот амбасадор во САД, јавува Anadolu Agency (AA).

Медиумите минатата недела открија дека Флин разговарал со амбасадорот Сергеј Кислјак за санкциите кои администрацијата на претседателот Барак Обама ги воведе кон Русија пред Трамп да ја презеде должноста, а потоа, наводно, ги измамил претставниците на администрацијата во врска со своите контакти.

„За жал, поради брзиот развој на настаните, ненамерно не го информирав потпретседателот Пенс и другите во врска со нецелосната информација за мојот телефонски разговор со рускиот амбасадор. Искрено им се извинив на претседателот и на потпретседателот, и тие го прифатија моето извинување“, напиша Флин во оставката.

Претходно во понеделникот, Келиен Конвеј, советничка на Трамп, гостувајќи на една телевизија изјави дека Флин ужива целосна доверба на претседателот на САД.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, минатиот месец изјави дека разговорите на Флин со Кислјак не се однесувале на економските санкции. Веста за разговорот меѓу двајцата официјални претставници прв ja објави „Вашингтон пост“, кој подоцна ја пренесе изјавата на еден официјален претставник кој наведува дека Флин го излажал Пенс или пак Пенс погрешил.

Американскиот претседател по оставката на Флин го именува пензионираниот потполковник Кеит Келог за вршител на должноста, до новиот избор на советник. Келог претходно е именуван за шеф на кабинетот на Советот за национална безбедност, а му беше советник на Трамп за време на претседателската кампања.

Оставката на Флин покажува изненадувачки рана реорганизација на најтесниот круг на Трамп, по првите три недели од преземањето на функцијата американски претседател одбележани со контроверзни одлуки и избор на спорниот кабинет.

Anadolu Agency