Кремљ ги отфрла тврдењата за контакти со изборниот штаб на Трамп во 2016

Сподели

 

 

Москва целосно ги отфрла информациите за контакти помеѓу изборниот штаб на Доналд Трамп и претставници на руските разузнавачки служби за време на претседателската кампања во САД, пренесува Алсат-М.

– Ајде да не веруваме на новинарски писанија, оти моментно е многу тешко да се одвои вистината од фалсификатите. Во тие написи има пет различни извори, но ниту еден од нив всушност не е именуван, односно тоа веќе просто станува смешно. Доколку има каква било информација за тоа, ќе дојде време и некој ќе го каже тоа отворено, истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Весникот „Њујорк Тајмс”, цитирајќи четири сегашни и поранешни официјални претставници на САД, објави дека лани имало телефонски разговори меѓу членови на штабот на Трамп со високопоставени руски разузнавачи, за време на предизборната кампања.

Руската Служба за надворешно разузнавање исто така изјави дека нема да коментира „медиумски измислици без докази”.

– Русија се придржува кон своите меѓународни обврски за ракетните договори, додаде Песков, негирајќи ги тврдењата во „Њујорк Тајмс”, дека Русија врши тајни проби на ракета ССЦ-8, нарушувајќи го на тој начин Договорот за нуклеарните сили од 1987 година.

На прашање – како ќе влијае изјавата на Белата куќа, дека САД очекуваат Русија да го врати Крим, на односите Москва – Вашингтон, портпаролот на Кремљ рече дека „Русија нема да ја разгледува темата за Крим, вклучително и со САД“.