Полска ги отфрли критиките на ЕУ за спорната реформа на уставниот суд

Сподели

 

Полска вчера испратила одговор до Европската комисија во кој ги отфрла критиките на Брисел во врска со спорната реформа на полскиот уставен суд, со оценка дека „спорот е решен“, јавуваат светските агенции.

Инаку, Европската Унија ѝ се закани со санкции на Варшава, што е прв ваков случај, кога станува збор за земја членка на ЕУ, поради спорната реформа во уставниот суд на земјата.

Полската конзервативна влада во својот одговор до Европската комисија, ги оценува како неосновани изјавите дека постои системска закана за владеењето на правото во Полска.

Според мислењето на Варшава, законите што неодамна ги донесе полската влада, а кои опозацијата во земјата ги оцени како неуставни, одговараат на европските стандарди и водат сметка за цела низа препораки на Венецијанската комисија. На тој начин, било посочено во одговорот до Брисел, прашањето за работата на уставниот суд е „решено во целост и конечно“.

Полската влада, според агенциите, во писмото го обвинила потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, дека го политизира случајот и дека ги повикува другите земји членки на ЕУ да формираат единствен фронт против Полска. Владата во Варшава го повикала Тимерманс да „престане со таквото дејствување“.

Спорната реформа на уставниот суд пред една година предизвика политичка криза и бројни протести на улиците во Полска.

meta.mk