Закани кон еврејски центри во САД

Сподели

Единаесет еврејски центри во САД вчера добија бомбашки закани и беа евакуирани, соопштија еврејските организации и полициски претставници. Сите закани, инаку испратени телефонски, се покажале како лажни.

Американското Федерално истражно биро и Министерството за правда започнаа истрага, а Кабинетот на претседателот Доналд Трамп ги осуди ваквите закани.

– За омразата или какво било насилство поттикнато од омраза, нема место во една земја, заснована врз гарантирана лична слобода. Претседателот јасно стави на знаење дека ваквите активности се неприфатливи, изјави висок претставник на Администрацијата.

– САД се нација, основана врз принципот на религиозна толеранција. Треба да ги штитиме нашите места за богослужба и религиозните центри, напиша на Твитер ќерката на Трамп, Иванка, која го има прифатено јудаизмот како своја религија.

Од јануари,па досега вкупно се испратени 69 дојави за поставени бомби во еврејски центри во 27 американски сојузни држави и во една канадска провинција, соопшти Асоцијацијата на еврејските заедници во Северна Америка.