ВМРО-ДПМНЕ: Ќе ги браниме националните интереси во било која форма

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите порачува дека граѓаните им го дале мандатот нив и ќе ги штитат националните интереси во било која форма и во било која ситуација.

– ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победија на изборите освојувајќи мнозинска поддршка и доверба од граѓаните кои ја препознаа намерата на СДСМ за редефинирање на Македонија. Наша историска и идеолошка определба, но и мандат даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и националните интереси во било која форма и во било која ситуација, порачува партијата.

Оттаму велат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да дозволат „дефакторизација на македонскиот народ и на другите етнички заедници кои живеат во Македонија“.

– Она што го најавувавме за време на целата предизборна кампања, сега го гледаат сите. СДСМ се обидува самата со себе да се натпреварува во проширувањето на понудата кон албанските партии за да дојде на власт по секоја цена. СДСМ е цврсто влезена со намера за редефинирање на Република Македонија. СДСМ за оваа своја цел планира да го крши Уставот на Република Македонија. Тоа нема да го дозволиме, се вели во соопштението на партијата.

Партијата со која раководи Никола Груевски упатува порака до СДСМ и секој друг кој сакал да се коцка со државните и националните интереси дека во Република Македонија има и други кои мислат на тие интереси и кои што биле подготвени да се борат за нив.