Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот за состав на новата влада на коалицијата предводена од СДСМ е преседан во македонската политика. Експертите велат дека сега на потег е Собранието, пишува Дојче веле.
Но, уставните експерти веќе дадоа одговор на тоа прашање. Професорот Светомир Шкариќ во разговор за Дојче Веле деновиве објасни дека претседателот на државата, всушност, нема уставни и законски овластувања да одбива да го даде мандатот.
„Потписите се гаранција за обезбедено мнозинство и претседателот со ништо не смее да го условува доделувањето на мандатот“, вели Шкариќ.
Дополнително, Македонија има парламентарен, а не претседателски модел и оттука, суверенитетот е во Собранието, а не кај вршителите на државни функции, без разлика дали станува збор за претседателот или за премиерот.
Она што е клучно, велат експертите, е дека Собранието може самото да ја заврши конститутивната седница и да изгласа нова влада, и за тоа не е потребен мандат од Иванов.
„Доколку некој реши на мнозинството да му ги затвори вратите во Собранието, тогаш тоа мнозинство може да заседава каде и да е, да избере претседател на парламентот и да продолжи со сите други процеси“, вели Шкариќ.
И нашата колумнистка, Влора Речица од Институтот за демократија, на почетокот на февруари ја анализираше оваа тема.
„Според член 21 од Деловникот на Собранието пратениците можат од редот на прaтениците да избeрат претседател и потпретседатели на Собранието. За да функционираат како институција тие не мораaт да чекaат да се формира влада. Не мораaт да чекаат ниту наредба од партијата, само треба да имаат волја да профункционираат, а ако барем еднаш би преземале иницијатива, тогаш можеби би се поставиле и како силна власт во државата“, пишува Речица.
„Ништо законски, ни уставно не ги спречува пратениците сами да го завршат процесот на конституирање на Собранието“, дополнува Речица.
Во своето обраќање Иванов го цитираше член 84 од Уставот, кој му го дава правото да го определи мандатарот за состав на владата и притоа рече дека нема да го даде мандатот „на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста“.