ВМРО-ДПМНЕ денеска, во редовното утринско соопштение, „цитира“ точки од платформата на Албанците кои, според партијата, „се прифатени од страна на Зоран Заев“.
– „Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи во процесот за решавање на спорот со името“. „Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција“. „Брза интеграција во НАТО и во Европската Унија – Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија“ – се набројува во партиското соопштение.
На изборите, според партијата, граѓаните гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а не за „Тиранската платформа“.
– Недозволиво е тиранска платформа да стане услов за формирање влада во Република Македонија. Таа влада би била тиранска влада. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да го свиткаат ’рбетот, да го прогласат албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и со неговото кирилско писмо. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да ги променат името на државата, химната, знамето, банкнотите, униформите, написите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата го повторуваат ставот дека единственото решение и одговор на сите прашања „ќе може да се добијат на нови предвремени парламентарни избори, отфрлајќи секакви платформи од туѓи држави“.