Манифестација „Ден на читателот“: Вера Калин е прогласена за најчитан автор во 2016 година

Сподели

 

Вера Калин е прогласена за најчитан автор во 2016 година, на манифестацијата „Ден на читателот“. Нејзиниот прв роман „Бездомникот со златен часовник“ била најбараната книга во јавните библиотеки низ Македонија минатата година. Признанието денеска и беше врачено во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

– Кога влегов на книжевната сцена пред четири години со два мои расказа, се зборуваше за негативни искуства во издаваштвото во Македонија. Се зборуваше дека нема читатели, а дури и да ги има тоа не се читатели на македонски автори, а посебно ако авторот е млад – тогаш нема да биде сериозно сфатен. Решив да не ги следам сите тие туѓи приказни и, некако, многу лесно го поминав патот. Мојата издавачка куќа целосно ме поддржа и ми овозможи маркетинг и промоција досега невидени и е делумно заслужна што им помогна на сите тие читатели да станат свесни за моето дело. Понатаму се беше работа на читателите. Оваа награда не е само за мојата читаност, туку и доказ дека невозможните работи се невозможни се додека не станат возможни, рече Вера Калин, која наградата ја прими од Коста Петров, кој беше награден за најчитан автор во 2015 година.

Наградата се доделува седми пат и, покрај нив, нејзини досегашни добитници беа и: Венко Андоновски, Блаже Миневски, Игор Џамбазов, Винка Саздова и Марија Јаневска.