Нашето општество како резултат на портокаловата „преродба“ е пореметено, па постоечките институции се неразумни и неправедни, паметта претворена во бесмислен кретенизам, човекољубието во карикатура и гњаважа, а патриотизмот во алатка за одбрана на фотељите и криминалот на владеачите. Најтрагичното е што оваа суштинска пореметеност, продолжено доведе до претерано зголемувања на сопствените вредности и сопственото значење, а тоа пак до национална, социјална, градежна, геополитичка… мегаломанија. Деновиве, пак, пореметеноста произведува екстремна националистичка хистерија, која како своја позадина ја има одбраната на портокаловиот бандитизам и криминалот од епски размери. Набљудувајќи ја нашата држава, ние гледаме, всушност, во гробишта од демократски институции, хуманистичките вредности, патриотски чувства и човечка памет. Гледаме еден перверзен портокалов антимакедонизам како лажно и хистерично сака да се продаде како македонски хероизам.
Кога денес ќе ги слушне човек нашите портокалови лицемери бесрамно да зборуваат за патриотизам, или како со неподнослива леснотија прогласуваат велепредавници, може да го фати вртоглавица, или да добие нагон за повраќање. Едноставно нормален човек не може да поверува на сопствените уши како бесрамно се лаже, како бесмислено и демагошки се ломоти, како најголемите кривоклетци зборуваа за верба во вистината и правдата, како најголемите негатори на македонските национални великани прогласуваат предавници… Денес под маската на патриотизмот и христијанската „љубов кон ближниот“ се јавуваат профитери кои истеруваат „нечисти сили и грешни мисли“ од човечката свест и овие современи портокалови егзорцисти, фактички, ги распалуваат новите клади за палење на „сомнителните Македонци“. Всушност, тие го подготвуваат оганот на кој ќе ги запалат и во пепел ќе ги претворат македонската држава и македонската нација. Нивната погребна реторика, која е преповторена врховистичка антимакедонска мистика, потсетува на зуењето на маларични и елефантазични комарци, и за нив еднаш треба да се проговори како за штеточини кои неуморно, веќе со десетлетија шират болести, измами, небулози, врховизми, антимакедонизми. Да се проговори како за бедни и гнасни одроденици и платеници кои ѝ штетат на нацијата и државата.
Современата наша десничарско-портокалова интелектуална елита, без некоја особена инвентивност, просто, но бессрамно, ги препишува милошевиќевите националистичко-пропагандни трактати и антизападни флоскули, заменувајќи ги само просрпските албанофобни пароли со квазимакедонистички инвекти. Оваа плитка пропагандистичка фикција е претворена во страшило за плашење на толпата, а со цел да не се дозволи никакво сомневање околу криминалот на Водачот, неговиот братучед, нивните најблиски партиски измеќари и малата новоформирана портокалова буржоазија.
Всушност, под светлото на портокаловата политичко-ментална диктатура и нејзините пропагадни светлечко-волшебнички трикови, во фантазмагоричниот делириум на умот и искуството, многу од нашите луѓе, како што најдобро знаат и умеат, ја глумеле и деновиве интензивно ја глумат својата улога на послушници и дворски шутови. Заради својата лакомост, многумина се нашле под маската на „борци за унитарна Македонија“, а, всушност, биле и се само сервилни послушници кои говорат и пишуваат најдолни националистички гадости и глупости. Токму ова е доказ дека со македонското општество владееле и владеат Стравот и Корупцијата. Ќе поминат години, а многумина ќе мораат да живеат со својот срам дека заради ситни лукративни цели се ставиле во одбрана на една обична криминлно-политичка банда, во апологија на една ретроградно-националистичка и, во основа, антимакедонска идеологија. На нас останатите, ќе остане тешката и неблагодарна задача, да не дозволиме да бидат заборавени овие ситни продадени души и да не биде заборавено злото и срамот што тие ѝ го нанесоа на Македонија и македонскиот народ.