Македонија треба итно да побара превентивна и стабилизирачка мисија на Европската Унија во земјата, вели поранешниот министер за одбрана и амбасадор на Бугарија во НАТО, Белгија и Луксембург, Бојко Ноев, во интервју за бугарската новинска агенција „Фокус“.
Писмото на претседателот Ѓорге Иванов до Европскиот совет, САД, НАТО и до Турција, Ноев го оценува како „своевиден СОС-сигнал испратен до меѓународната заедница дека бродот во Скопје тоне“.
„Тоа е драматично признание дека земјата е на работ на целосно безвластие. Политичката криза, која ја набљудуваме веќе подолго време, ескалира до состојба во која Република Македонија практично го губи својот суверенитет“, вели Ноев.
На прашањето дали причините за ваквата состојба се надворешни, како што тврди Иванов во писмото, Ноев вели дека причините во најголем дел се внатрешни и не се едноставни.
„Кажано со два збора, досегашната владејачка елита ја впрегна целата своја енергија на државата и на општеството во изградба на едно измислено и лажно минато, наместо во градење на иднината на своите граѓани. Владејачката елита остави сè да потоне поради комплексот на инфериорност, геополитичката кусогледост, провинцијализмот и личната алчност. Тоа ја ослабна и дополнително ја подели земјата и денес ги гледаме резултатите. Се разбира, има и надворешни причини, кои сепак се второстепени. Ако си силен внатре, однадвор не можат да те уплашат – вели Ноев, кој беше министер за одбрана на Бугарија за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.
Тој заклучува дека Македонија нема повеќе иднина на унитарна држава, додавајќи дека кантонизацијата веќе почнала практично да се спроведува и прашањето е дали конечната разделба ќе се оствари по мирен или по насилен пат.
Интересот на Бугарија, вели Ноев, е во Македонија да нема недостиг на државност, да нема војни и насилство, кои, како што нагласува, ќе се рефлектираат и на неговата земја – физички и емоционално.
„За Бугарија ситуацијата во Македонија има две димензии. На прво место, ние сме историски и емоционално оптоварен сосед. Како народот таму сака да живее, како сака да си ја уредува државата е негова работа. Интересот на Бугарија е таму да нема војни и насилство, кои што неизбежно ќе се рефлектираат врз нас, и физички и емоционално. Да не забораваме дека таму живеат десетици илјади Бугари, кон кои Бугарија има должности како кон нејзини граѓани, со бугарски пасоши. Втората димензија е не помалку важна. Тоа е нашата заедничка должност и одговорност за заштита на интересите на ЕУ како целина, како земја членка. Како членка ние имаме должност и одговорност да не дозволиме, да спречиме или, ако е неопходно, да гасиме кризи кои би ги засегнале интересите на целата Унија“, смета Ноев.