Турската министерка за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја се врати во Турција, откако синоќа под полициска придружба од Холандија е вратена во Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
Каја од аеродромот Келн-Бон допатува во Истанбул со посебен авион, кој пристигна во Германија за да го врати во Турција турскиот министер за млади и спорт, Акиф Килич, кој престојува во посета на Берлин.
Холандските власти вчера ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Фатма Бетул Сајан Каја во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во таа земја, како и средбите со турската заедница во Холандија.
Министерството за надворешни работи на Турција го осуди спречувањето на посетите и побара од холандскиот амбасадор во таа земја, кој во моментов е на одмор, одредено време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Кралството Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Холандската полиција во меѓувреме со употреба на сила ги растера насобраните граѓани кои протестираа против задржувањето на возилата на министерката Каја, но протестите на улиците низ Ротердам продолжија. Голем број граѓани се собраа и пред дипломатските претставништва на Кралството Холандија во Анкара и во Истанбул во знак на протест поради спречувањето на посетата на турските официјални лица во таа земја.
Холандскиот премиер Марк Руте преку социјалните мрежи порача дека било барано разумно решение, но тоа се покажало невозможно.
– Холандската Влада ја прогласи министерката за непожелно лице, па согласно нашите прописи таквата личност мора да се протера и врати од каде и дошла, односно во овој случај во Германија. Беа потребни неколку часа преговарање за да ја натераме да излезе од возилото и да можеме да ја протераме. Моравме да провериме и дали нејзиното обезбедување, 10 до 15 лица, се вооружени, изјави градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб.
Ваквата своја одлука холандската Влада ја образложи со ставот дека стравува оти престојот на Чавушоглу во Ротердам би можел да ги „загрози јавниот ред и безбедност“.
Чавушоглу требаше да отпатува за Ротердам за да учествува на митинг на припадниците на тамошната турска заедница во пресрет на уставниот референдум во Турција, иако ротердамскиот градоначалник Ахмед Абуталеб ја забрани неговата посета. Тој требаше да зборува на митинг со цел да се поттикнат Турците во Холандија да гласаат на референдумот за промена на Уставот на Турција, со што треба да се зголемуваат надлежностите на шефот на државата.
Турските власти слични собири планираат и во други европски земји.