Министерството за надворешни работи на Република Турција упати две одвоени протестни ноти до Холандија поради односот на таа земја кон турските министри и турските државјани кои мирно протестираа во согласност со правото на слободен собир, јавува Anadolu Agency (AA).
Во протестните ноти што Турција ги упати до Холандија, најостро се осудува односот на холандската власт кон турските министри, кој не е во согласност со дипломатската практика, ниту со меѓународните норми.
Од холандските институции се бара официјално извинување.
Турција исто така бара од Холандија да се спроведе детална истрага, да се казнат одговорните за дипломатскиот скандал што во саботата вечерта се случи во Ротердам, и деталите од истрагата да бидат доставени до турското Министерство за надворешни работи.
Турција го задржува правото на подигнување постапка за наплата на отштета во тој случај.
Холандските власти во саботата ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејна и социјална политика на таа земја, Фатма Бетул Сајан Каја, во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во Холандија, како и да се состанат со турската заедница во Холандија. Во придружба на полицијата, Каја е вратена во Германија, од каде што вчера се врати во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција претходно го осуди спречувањето на посетата и побара амбасадорот на Холандија, кој моментално се наоѓа на одмор, извесно време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Холандската полиција во саботата, со употреба на сила ја растера толпата граѓани кои протестираа против задржувањето на возилото на министерката Каја. Голем број граѓани се собраа во саботата, на протестите и пред дипломатските претставништва на Холандија во Анкара и во Истанбул. Одржан е протест и пред холандската амбасада во Сараево.