Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ЕУ апелира до Турција да избегнува „непромислени изјави“ и акции кои можат да ги зголемат тензиите, во врска со спорот на Анкара со Холандија и Германија околу забраните за турските министри да учествуваат на политичките собири.
– ЕУ ја повикува Турција да се воздржи од избрзани изјави и акции кои се закануваат дополнително да ја влошат ситуацијата, се наведува во соопштението потпишано од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Турција е во дипломатски спор со Холандија и Германија бидејќи овие две земји им забранија на турските министри да учествуваат на собирите во тие држави, а турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган поради тоа ги обвини дека употребуваат „нацистичка пракса“ и оти се „остатоци од нацистите“.