По повод светскиот ден на лицата со Даунов синдром, во организација на Мечувалечки Клуб Ескрим се организира третата по ред хуманитарна трка за деца со Даунов синдром во сабота (18 март), во 11.00 часот во Градски парк, пред Школка.
Трката е отворена за сите наши хумани граѓани, но ќе учествуваат и децата со Даунов синдром и нивните семејства. Како што појаснуваат организаторите, овој настан цели кон подигање на свеста за овие личности, да се поттикнат и останатите спортски клубови да ги отворат вратите за децата со Даунов синдром, да ги вклучат во спортот и да им се обезбеди еднаков пристап до него како и за редовните деца.
„За овие деца спортувањето е од огромно значење бидејќи со спортувањето ја развиваат моторика,координацијата,одржувањето на баланс итонусот на мускулите. Сите овие работи се многу важни за нивен понатамошен самостоен живот. Со спортувањето добиваат уникатна социјализација,стекнуваат нови пријателства. Инклузијата како сегмент кој што серазвива со помош на хуманитарната трка дава исклучителни резултати во нивниот живот“, велат од клубот „Ескрим“.
Се покануваат сите да се приклучат на оваа трка. Заинтересираните можат да се пријават на следниот линк, или 30 минути пред почетокот на самата трка.
Средствата собрани од овој настан ќе бидат наменети за едногодишно бесплатно спортување на децата.