-“Заврши координацијата во Собранието и сакам да соопштам дека е постигната согласност за составот на Комисијата и за претседател на Комисијата.
Иако постоеше едно од низата неразумни барања коешто беше поставено од ВМРО ДПМНЕ, ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО ДПМНЕ се со цел да се откочат процесите во Р.Македонија, да профункционираат демократските тенденции и се со цел ниту граѓаните ниту законодавниот дом да не бидат заложници на било кој политичар или политичка партија во Македонија. На тој начин сакаме да го ставиме во функција Собранието на Р.Македонија како највисок претставнички дом на граѓаните на Р.Македонија.
Сметам дека ова е потребно и ова е добро заради тоа што најмногу штета трпат граѓаните на Р.Македонија, најмногу штета трпи економијата. Да создадеме услови и да ги откочиме можностите граѓаните, земјоделците, работниците даси ги остваруваат своите права и ги добијат парите кои им следуваат како субвенции и на тој начин Р.Македонија да почне конечно да чекори напред кон просперитет, кон поинаков начин на функционирање се со цел и граѓаните и државата имаат вистински благодет и корист од институциите на системот.
Одговори на новинарски прашања
Медиуми: Кога ќе биде формиран предлогот на таа комисија за претседател на Собранието?
Спасовски: Комисијата ќе биде формирана на седницата. Бидејќи е таа точка на дневниот ред, ќе доставиме предлог денеска до Собранието, и како што бевме информирани од претседавачот, некаде во понеделник во 12 часот би требало да продолжи конститутивната седница.
Медиуми: Вашата согласност, ВМРО-ДПМНЕ да претседава со оваа комисија, имајќи ги предвид и сомнежите на потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски за опструкции, имате ли гаранции од нив дека нема да вршат опструкции?
Спасовски: Во секој случај можат да се вршат опструкции на комисијата и работата на Собранието, без разлика дали имате претседател на комисијата или не. Ние навистина посакуваме демократски начин и дебата во Собранието, се со цел да можат нормално да функционираат институциите на системот. Ниту е важно да се задоволуваат некакви лични и политички интереси, туку треба пред се, да ги гледаме интересите на граѓаните на Република Македонија.
Медиуми: Доколку новиот претседател на Собранието биде од вашата партија или од вашата коалиција, дали ќе се распишат локалните избори?
Спасовски: Ќе разговараме за сите отворени прашања кои ги имаме во моментот после завршувањето на конститутивната седница и изборот на претседател на Собранието.