Груевски замина на конгрес на сестринските партии на Малта

Сподели

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од денеска па во наредните неколку дена, заедно со партиска делегација ќе присуствува на конгресот на Европската народна партија (ЕПП), што се одржува на Малта, потврди за „Мета“, директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.

Посетата на Груевски на Малта и учеството на конгресот на ЕПП, доаѓа во време кога Собранието треба да биде избран нов претседател на законодавниот дом, како услов за продолжувањето на процесот за формирање на влада, по изборите на 11 декември, минатата година.

Престојот на Груевски на конгресот на ЕПП, како што ни изјави Котевски, меѓудругото „ќе биде искористен за билатерални средби со луѓе од европскиот политички естаблишмент.“

– На конгресот на Европската народна партија ќе присутвуваат политичките функционери од Европа кои припаѓаат на десничарските политички партии кои се највлијателната политичка сила во рамките на Европската Унија. Во рамките на престојот меѓудругото ќе се презентираат ставовите во однос на актуелните домашни случувања, политичката криза, како и стратешките интереси на Република Македонија – вели Котевски.

Во Малта, на самитот на ЕПП се очекува да присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот на Шпанија Марио Рахој, премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, ирскиот премиер, Енда Кени, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, претседателот на ЕПП – Јозеф Дол, како и претседателите на Европската комисија и на Советот на ЕУ, Жан Клод Јункер, односно Доналд Туск.

meta.mk