МАЖИНО НЕ Е ЗА МАЖЕНЦА – Гордана ПОПСИМОНОВА

Сподели
Дами и господа од ВМРО-ДПМНЕ! Додека си ги читате однапред напишаните говори, додека си реплицирате секој секому, со што од себе правите будали и додека од петни жили се трудите да го одложите неминовното (вашето одење во опозиција), должна сум да ве потсетам на неколку работи.
Прво, во декември 2012 година ви се побуни опозицијата за буџетот. И, наместо да ја сослушате, да ја вклучите во процесот и да прифатите дел нејзини барања кои беа разумни и исполнителни, вие решивте да играте грубо. Ги исфрливте насила од Собранието и си теравте по свое, со образложение дека вас ве избрал народот.
Второ, во октомври 2014 година, ви излегоа студентите на протест против експериментот со екстерното тестирање и државниот испит. И, наместо да ги сослушате нивните аргументи и да ја преиспитате вашата одлука, вие повторно заигравте грубо. На нивните пленуми одговоривте со контрапленуми, а истото го направивте и кога реагираа професорите. Вашето образложение за вашите груби постапки и тогаш беше дека вас ве избрал народот.
Трето, во февруари 2015 година ви пукнаа „бомбите“ од прислушуваните разговори на кои се виде огромна злоупотреба на власта предводена од вашата партија. И наместо, како секој нормален демократски субјект, токму вие први да расчистите со плевелот во вашите редови, односно на клоци да ги исфрлите криминалците и измамниците од ВМРО-ДПМНЕ, вие пак заигравте грубо. Баравте непријатели насекаде внатре и надвор, лепевте етикети и ширевте омраза кон опозицијата, со образложение дека вам ви се може, бидејќи ве избрал народот.
Четврто, истата таа година, на улиците излезе Шарената револуција со барања за оставка на вашето раководство и за кривична одговорност за осомничените за сторениот криминал со народни пари. И, наместо да се сепнете, да размислите со своја глава, да си речете – стварно претеравме, вие по кој знае кој пат заигравте грубо. Формиравте некакви ГДОМОВИ и контрапротести, нарекувајќи ги Шарените соросоиди, хомосексуалци и предавници, кои не ви можат ништо, бидејќи вие ја имате довербата на народот.
Петто, кога ве притисна меѓународната заедница со потписите на Пржинските договори од кои се формира Специјалното обвинителство, наместо како секоја политичка партија која држи до себе и својот интегритет да му овозможите на СЈО непречено да го испита сомневањата од снимените разговори, по кој знае кој пат заигравте грубо. Вашите инсталации во судството до бескрај ја опструираа Катица Јанева и нејзиниот тим, додека медиумите во ваша сопственост смислуваа најпогрдни имиња за СЈО. И сето тоа, затоа што вие го имавте мнозинството од народот.
Шесто, кога на последните вонредни парламентарни избори вашата партија не успеа да состави мнозинство за формирање влада, повторно играте грубо, измислувајќи некакви поделби на државата и нејзина загроза од Албанците, со што Македонија ја втурнувате во меѓуетничка конфронтација. Со таа крупна разлика, што сега ја немате довербата на народот, без оглед на тоа што добивте најмногу мандати на изборите.
Веќе ја немате довербата од народот на кој се повикувате.
Немате ниту кредибилитет, ниту морален интегритет да се повикувате на народот, бидејќи мнозинството гласачи не е зад вас.
Немате поддршка ниту од меѓународниот фактор кој во вас гледа рецидив на едно авторитарно и недемократско владеење.
Она што сега го прават вашите пратеници во македонскиот Парламент е очајничка одбрана на последниот бастион на политичкиот фронт, а тоа е Мажино линијата која историски претставува симбол за неефикасна и пропадната одбрана.
Она што сега го прават вашите членови на Собранието криејќи се зад протестите на здружението „За заедничка Македонија“ е еднакво на она што го прави лидерот на вашата партија. Тој бега од државата додека неговите пратеници се глупираат дебатирајќи со себе. Тоа се нарекува кукавичлук. Тоа е кукавичлук.
Дами и господа од ВМРО-ДПМНЕ! Сето она што го наведов како потсетување за сите пропуштени шанси да излезете со чист образ и човечко достинство, ве прави колективни соучесници во едно невидено злосторство против својата земја и сопствениот народ.
Жал ми што ќе морам да ви порачам: Сакавте грубо, ќе добиете грубо.