ФБ СТАТУС: ГОРДАНА ПОРЧУ – Постојат околу нас лица без лице. Грло без глас.

Сподели

Постојат околу нас очи полни со тага. Не ги забележуваме кога се разминуваме. Не не допира нивниот поглед на срна, вперен во нас како острица.
Постојат околу нас лица без лице, полни со бразди кои ги нацртал животот. Длабоки линии околу усните кои заборавиле да се смеат. Грло без глас.
Постојат околу нас луѓе застанати зад самите себеси. Фатени во челуста на животот.
Самохрани родители во битка за своите деца.Немоќни во борба за здравјето на своите деца.
Луѓе во сенка , замолкнато го живеат своето парче битисување.
Сиромашни, во потрага по оброк во контејнерот, секое утро.
Работници врзани за машина, секој ден во очајна борба да се додржат на нозе – за плата под човечко достоинство. Оти имаат деца за ранење.
Осамени луѓе, кои секое утро си ја испираат горчината од устата со парче надеж дека еден ден сепак ќе биде поубаво. Ќе дојде она што во животот го чекаат како топло изгрејсонце после дожд.
Оние луѓе кои газат низ животот како низ длабок снег, за да си го дофатат парчето здив кои ги држи живи.
Оние луѓе кои ја живеат пролетта, а во окото нивно болка. Го живеат летото, а во душата им остане копнежот по црвените булки. Ја живеат есента, а на лицето им остане трага од сивиот здив на облаците. Ја живеат зимата, а во косите им остане снегулка, да ги бои цел живот.
Оние на кои денот не им се распукнува како бела чипка кога очи ќе отворат.
Осамени старци потпрени на својот бастум, со поглед вперен онаму каде веќе не можат да бидат. Во времето кога ги раснеле своите деца, кои денес не се со нив. Мирисаат на осамен босилек.
Оние кои знаат дека среќата им е составена од онолку делови колку што им недостасуваат.
Да. Постојат околу нас луѓе на кои забораваме, луѓе на кои секој ден им е борба.