ЗА ЕГОИЗМОТ И ЕГОИСТИТЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

 

Колку е некој поподмолен и попресметан, толку е и поомразен и посомнителен.Цицерон

За жал, оваа мисла на Цицерон, во ова наше подмолно време изгубила смисла. Сега, колку што нечија подмолност е поголема, толку тој добива повисоко признание, а најподмолните и најпресметаните го добиваат највисокото признание и постигнуваат најголем успех. Всушност, грамадната човечка алчност станала мерило за среќата и успехот. Така, денес, со сеопштата морално-политичка беда, се создадоа околности и односи што овозможија страшната просечност (осредност) да се топори како врвна умност, ненадминливо херојство, незаменлива значајност. Се чини дека никогаш повистинито не било искажувањето на англискиот писател Самуел Џонсон: „Чудно е, господине, со колку малку вистинска интелектуална супериорност луѓето можат да станат славни личности во јавниот живот.“ Кражби, убиства, лаги, расипаности, полтронизми…, се менуваат пред нас секојдневно, со огромна брзина и во огромни количества. Навистина живееме во едно жално и бедно време! Време на триумф на егоизмот!

Егоизам се нарекува сфаќањето и дејствувањето на некој поединец кој, во практично-етичкиот поглед, се управува само со чувствување на своето јас, при што неговото настојување е сите нешта да ги насочува кон себе, а во животот и работата се раководи само од сопствената корист. Значи, карактеристики на егоизмот се себичноста, саможивоста и настојувањето да се реализира само сопствениот интерес и да се извлече само лична полза. Егоизмот секогаш стои наспроти алтруизмот кој означува начин на чувствување, мислење и дејствување кон доброто на своите блиски и на целото човештво, кој означува љубов кон сите луѓе и несебичност, па дури и по цена на лично самоодрекување и жртвување.

Честопати онаму каде егзистира егоизмот се јавува како нераздвоен дел и нарцизмот. Верувам дека повеќето луѓе ја знаат онаа митолошка приказна за Нарцис, кој бил син на Кефиз и Лариопа, кој бил многу убав млад човек и кој, откако си го видел својот лик во една река, сам во себе се заљубил, а од копнеж кон самиот себе, дури и умрел. Неговиот труп боговите го претвориле во цвет што го носи неговото име. Оттаму, склоноста на заљубување во самиот себе, на уживање во самиот себе, на претераното самодопаѓање се нарекува нарцизам. Егоизмот и нарцизмот понекогаш знаат да прераснат во еготизам, односно грубо самољубие, па дури и во еготеизам што означува обожавање на самиот себе. Значи, нормална последица на егоизмот е, прво, суетноста, односно славољубието, вообразеноста, алчноста за слава, алчноста за сопствено истакнување, алчноста за добивање на почести, болната амбиција да се направи кариера или да се заработи материјално богатство и, второ, негативизмот кој е однесување во кое систематски и априористички се одбива соочување со барањата и ставовите на други луѓе.

Во областа на етиката, егоизмот свој одраз нашол во епикурејството кое е остро изразен тип на индивидуалистичка етика, подеднакво спротиставена на сѐ што е општествено и нематеријално. Епикурејството од некои дури било сметано „за култ на месо и стомак“. Подоцна „егоизмот“ како „природна“ основа на размислувањето и живеењето е нотиран од Томас Хобс со неговото „Homo homini lupus“ („Човек на човека му е волк“); всушност, тоа е изрека на римскиот комедиограф Плаут, подоцна употребувана како збиен опис на односите меѓу луѓето/ и позитивизмот и прагматизмот, кои се сведуваат на корисност, односно сметаат дека човекот е лишен од сите цели, освен целта на самоодржување. Наспроти тоа, огромен број на филозофски учења, од Сократ, па преку Аристотел, стоицизмот, Бекон, Дејвид Хјум, просветителството, Фихте, Шопенхауер, марксизмот, егзистенцијализмот, како прифатливо го посочуваат дејствувањето во корист на општеството, заедницата, државата, сите луѓе. Нивната основна идеја можеби најилустративно може да се изрази преку искажувањето на Пол Холбах по кое: „добробитта на поединецот е потполно условено од среќата и напредокот на заедницата.“

 

Манифестациите на егоизмот!

За егоистите, raison d’être, е сопствената полза и слава. Тие се олицетворение на алчноста, ќелепурството, муфтеџиството, олицетворение на желбата да се грабне нешто бесплатно, на измамата, надитрувањето, замката, спуштањето, на човековата грабливост и ненаситност. Тие се робови на својата желба за пари и слава, па затоа кај нив секогаш постои решеност, без разлика на жртвите и последиците, да го добијат она што се наумило да се има како свое. За нив не постои „доблеста на образот“, затоа што тие го загубиле својот лик и немаат образ. Затоа, во овој наш секојдневен маскембал, егоистите се луѓе без скрупули, лактари, плукачи, ситни души, медиокритети, всушност, нули, ползачи, јадна дружба која нема никогаш да признае дека околу нив постои и нешто повредно и поспособно од нив. Тие својата огромна количина себичност и нарцисоидност, глупавост и плашливост што ги поседуваат до степен на параноја, ги трансформираат во сопствена забава, во ситно самозадоволство, непрестано да се самофалат и самовеличаат како најубави, најспособни, најдобри, најморални… Тие се типична малограѓанштина кои во својата ненадминлива суетност, лажниот надворешен блескот го претвораат во суштина на нештата и во највисока вредност.

Но, егоистите не разбираат, како што вели Ниче, дека „секој поседува толку суета колку што му недостига разум.“ И, вистински не разбираат што значи да си среќен. Кога би разбирале, би им го препорачал да го прочитаат оној расказ на нашиот предвоен писател Кирил Манасиев, со наслов „Каде е среќата“, во кој на прекрасен начин е покажано дека скромноста и трудољубивоста се оние одлики што го красат вистинскиот човек, дека тие се неговата чест и достоинство, а дека алчноста и себичноста, изразени преку незгаслива жед за пари и слава, го поганат, го расипуваат, го разнебитуваат и, на крај, целосно го уништуваат. Затоа, егоистите нема да можат да разберат дека најсреќен е оној човек кој успеал да направи најголем број среќни луѓе. Односно, дека „кој не прави ништо за другите, не прави ништо ни за себе.“ (Јохан Волфганг Гете)

Оголениот и бесен егоизам скоро секогаш води до губење на достоинството и човечноста! За егоистите животот е претворен во трка, во непрестана и бесконечна трка по богатство и слава. Трчајќи по пари и слава, егоистите го губат човечкото чувство за милост, љубов, право и правда. Го губат и човечкото достоинство што го имале. Тие се претвориле самите себе во робусни руини со вкаменети срца. Гледајќи го сето тоа отстрана, на човек неодбегливо му се наметнува не само мислата за целата бесмисленост на таквата трка, туку и чувството на одвратност од фактот до каде може да оди човечката самодеградација! Егоистите не сфатиле и нема никогаш да сфатат дека вистинската големина и слава се достигнува само ако нешто се направи со – достоинство! Затоа, на пример, за старогрчкиот филозоф Талес оправдано се велело и се вели дека „никогаш нешто нечесно и срамотно не сторил“, заради што „цел живот бил среќен човек“, а пак, за Питагора се кажувало дека станал „славен и бесмртен“, заради неговите сфаќања за „безусловност на пријателството, несебичност, чесност и почитување на постарите…“ /преземено од Ферид Мухиќ, Потомци на боговите/ Значи, што и да се направи и притоа тоа се плати со коленичење, лигавење, молење, предавство, егоизам, т.е. со губење на достоинството, на крајот, секогаш е целосно безвредно.

Покрај тоа, добро е да се знае дека егоистите никогаш не опстојуваат на дадениот збор. Денес зборуваат едно, а утре, по потреба, за исто нешто сосема друго. Тоа, во интелектуалните кругови доведува до интелектуален фијаско, до спуштање на критериумите во пишувањето и зборувањето, па се пишува и зборува без знаење и стил, се произведуваат бесмислени и полуписмени сочиненија. Всушност, доведува до криза на јазикот, до инфлација на зборови во која зборовите секојдневно губат од вредноста, оти се говори, а ништо не се кажува, до криза која предизвикува одвратност и незаинтересираност за пишуваниот збор. Во секојдневниот живот егоизмот секогаш предизвикува – предавство на пријателите! „Ако на секоја пријателска услуга веднаш мислиш на благодарност /и возвраќање-б.м./, тогаш не си дарувал, туку си продавал“, вели Достоевски. А, за грст пари, за ситно напредување во кариерата, за „пет минути слава“, егоистите се спремни да ги предадат и продадат своите најдобри пријатели. Тоа е нешто што не треба да се докажува, оти скоро секој возрасен човек го посведочил и почувствувал и на „своја кожа“.

На крајот да констатираме: факт, кој е неоспорлив, е дека во денешниов општонароден панаѓур на совеста, постојат малкумина алтруисти и безброј егоисти. Меѓутоа, квантитетот во случајот не значи и квалитет. Оти, за секое дејствување најважно е тоа да биде долично на човекот и човечноста. Сето друго е лошо, недолично и безвредно. Секогаш, ама баш секогаш, имајте на ум дека „не е беден оној што има малку, туку оној што има потреба од многу“/Сервантес/ И бидејќи сигурно е дека ова невреме за човештвото, кога-тогаш ќе помине, на сите нам уште отсега ни е неопходно што е можно повеќе да ги фалиме, поддржуваме и стимулираме алтруизмот и хуманизмот, а истовремено да ги осудуваме и дестимулираме егоизмот и нарцизмот. Ситуацијата во која би имало повеќе алтруисти од егоисти е онаа кога светот ќе биде многу поубаво и посреќно место за човечко живеење! Но, како што вели писателот Џорџ Бернард Шо: „Вечна војна се води помеѓу оние кои се на светот за од него да извлечат што поголема корист и оние што сe на светот за животот на Земјата да го направат што полесен за сите луѓе.“ Јас, на оваа мисла, само би додал дека  вечноста не е достигната, војната, сѐ уште, трае.

 

(Tекстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“,Аз-Буки, Скопје, 2012.)