17 судии поднеле приговори до Врховниот суд за распоредот на Рибарев

Сподели

Седумнаесет судии од Основниот суд Скопје 1 досега поднеле приговори до Врховниот суд за новиот годишне распоред што кон крајот на минатиот месец го донесе претседателот на судот, Стојанче Рибарев, потврдиле од Врховниот суд за дел од медиумите.

Не се исклучува можноста до Врховниот суд деновиве по пошта да пристигнат нови приговори, по што треба да биде закажана општа седница за разгледување и за одлучување по приговорите.

Годишниот план за работа на судиите на Рибарев, како и тој на неговата претходничка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова, предизвика контроверзии во јавноста бидејќи млади судии со неколкугодишен стаж се унапредени, а искусни судии кои долги години работеле во кривичниот оддел, биле префрлени да работат на стари предмети или во одделот за прекршоци.

Со годишниот распоред на Рибарев на клучни позиции се ставени судии кои или биле дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ или за кои Специјалното јавно обвинителство има поднесено претставки за утврдување одговорност поради непрофесионално и несовесно постапување.

Од Основниот суд Скопје 1 на 29 март соопштија дека при подготвувањето на распоредот предвид биле земени мислењата на судиите, но немало можност да им бидат уважени желбите на сите.

Кон крајот на февруари, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на март, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.

meta.mk