Зоран Заев и „злосторничкото здружение околу него“ вчера се обидоа да изведат државен удар, да спречат дискусија во законодавниот дом и да ги замолкнат сите што говорат против тиранската платформа, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалецот Заев и злосторничкото здружение околу него е избезумено. Ветуваа двојазичност, дебати за химната, грбот и за знамето. Ветуваа промена на банкнотите, двојазични униформи и федерализација. Ветуваа државни функции и со молчење ги одобруваа сите навреди и негирања на македонскиот идентитет. Ветуваа, но не им помина. Македонскиот народ ги прочита и им застана на пат. Македонскиот народ им порача дека не прифаќа ниту тиранска платформа, ниту тиранска влада“, стои во соопштението.
Оттаму повторуваат дека ВМРО-ДПМНЕ „како сериозна и одговорна партија“ понудила излез од политичката криза преку „Манифестот за единствена Македонија“.
„Овој манифест е гаранција на унитарниот карактер на Македонија и најдобар одговор на негирањата кон македонскиот народ, државните симболи и иредентизмот кој го промовираат домашни, но и странски субјекти. Наместо кон сопствениот народ, СДСМ има долг кон наркодилерите и кон криминалците со кои соработува. Затоа стравот на граѓаните од идните политички дејства на СДСМ е оправдан“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.