ПРАВДА! – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Во принцип, праведноста е највисоко барање од општествено-политичкото уредување. Светот би требало да функционира по принципот ex aequo et bono (по праведност и добрина). Праведноста не ги толерира и ги отфрла нееднаквоста, анархијата и деспотизмот. Целта на праведноста е општата солидарност, еднаквоста, достоинството, мирот… Затоа, правото не би смеело да се претвора во средство преку кое политичката бирократија поуспешно ќе владее, туку треба да биде израз на интересот на сите луѓе и заштита на онеправданите. Ваквите етички елементи модерното општество ги вградило во разни декларации за правата на човекот.

Правото, па дури и меѓународното право, се темели на обичајното право. Имено, обичаите создаваат норми. За да стане нешто „посакуван обичај“ (или доминантно јавно мислење) од кое ќе произлезе правна норма, во нашата современост се употребуваат медиумите и невладините организации. Со нивното дејствување, по одреден период се создава „општествен консензус“ околу некое прашање, односно до создавање на некакво обичајно право. На крајот, вака создадените правни норми можат да бидат добри, помалку добри или лоши, ама, во секој случај, нивното непочитување повлекува санкции.

За жал, како што сведочиме, универзалните нормативни елементи за заштита на правата и достоинството на човекот не важат за сите луѓе и држави подеднакво. Кај нас, во Македонија, пак, правдата и правото се понижени и навредени, па, дури, и се укинати. Единствен критериум за одредување на етичките и правните норми на македонската општествена сцена се оние критериуми кои провладините портокалови медиуми, „невладини“ организации и „независни граѓански иницијативи“ иницирани и контролирани од партискиот Центар за лаги и манипулации ги претвораат во јавно мислење, односно во обичајно право.

Но, по единаесетгодишно непрестано медиумско тормозење, фиктивните тези преку кои кај нас се создаваат демократско-портокалови „вистини“, а кои лакеите што се во служба на одбрана на портокаловото злато и привилегии ги исфрлаат во македонскиот политички етер, стануваат досадни. Досадни дури и да се читаат и слушаат, не пак да се коментираат и побиваат. Всушност, квантитетот на лаги за крвта, борбата, нацијата, светиот крст, библиската земја и останатите сенишни симболи на македонскиот фашизам, толку стана доминантен, што чувството на одвратност кај нормалните луѓе е на степен на гадење и повраќање.

Воспоставениот систем на заробена држава го оневозможи работењето на институциите задолжени за борба против криминалот и корупцијата. Правдата и правото, се чини дека се протерани незнајно каде од ова наше парче земја што ја нарекуваме татковина. Мафијата си создала сопствена држава, па место да се штити општеството и граѓаните, кај нас државните институции, а особено оние што треба да делат правда и право, се ставени во функција на заштита на корумпираната политичка елита. Впрочем, обидот на највисоката државна институција да аболира повеќе од педесеттина лица за кои постоеше сомневање за политички и финансиски криминал, најдобро ги аргументира тврдењата за постоењето на мафијашка држава.

Убиството на правото и правдата е ситуација која не носи на работ на бездната. Една стара мудрост објаснува дека „ако праведноста е отстранета“, тогаш државите се само „големи разбојништва.“ Кај нас сега сè е сведено на ефтини национализам и бандитска кражба на материјалните ресурси. Поинаку кажано, ние пред нас гледаме само едно разголено големо разбојништво, покриено и прикриено со црвено-жолти платна и идиотска националшовинистичка реторика. Затоа, ние сме стигнати до точка во која или „ќе се врши правдата“ или ќе пропаднеме како држава и нација! Или правда или смрт! Едноставно, или ќе почнеме да живееме de rigore iuris (строго по правото) или ќе нè нема! Оти само она што е вистинито и праведно е здраво, цврсто, непроменливо, па дури и – вечно. Значи, недвојбено, нашата парола на денот треба да биде: Правда, правда и само – правда!