Мекејн: Никому не му е во интерес да дојде до распад на Македонија

Сподели

-Не е во ничиј интерес да се распадне Македонија, коментира Џон Мекејн, влијателниот републикански сенатор од сојузната држава Аризона, кој претседава со Комисијата за вооружените сили во Сенатот на САД.
Во интервју за српската редакција на „Гласот на Америка“, кое го пренесе и македонската редакција на овој сервис.

Тој вели дека не предвидува војна, но гледа дека ситуацијата излегува од контрола. Смета дека САД и ЕУ треба да бидат многу поактивни.

– Загрижен сум за Македонија. Не предвидувам војна или конфликт, но велам дека напнатоста е голема и ситуацијата излегува од контрола и бара поголем ангажман од САД, но и од ЕУ – коментира поранешниот претседателски кандидат.

Запрашан каква треба да биде улогата на САД на Балканот, Мекејн вели е потребен поголем ангажман за Вашингтон да ја потврди поддршката за регионот. Тој смета дека балканските земји треба да бидат вклучени во заедничките воени операции на САД, а особено тоа важи за земјите од регионот кои се дел од НАТО. Сенаторот Мекејн коментира дека САД треба да изразат благодарност до земјите од Балканот, за помошта во Авганистан, но и за учеството во други мисии во светот.

Осврнувајќи се на севкупните состојби во регионот, сенаторот Мекејн изрази мислење дека иако има огромен напредок од 1990-тите години, и понатаму има значителни притисоци и нестабилност, кои се зголемуваат наместо да се намалуваат.

meta.mk