Приштина: Рамуш Харадинај денес се враќа во Косово

Сподели

Откако Апелациониот суд во францускиот град Колмар го ослободи Рамуш Харадинај, лидер на Алијансата за иднина на Косово, тој денес се враќа во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).

Имено, Судот го одби барањето на Србија за негова екстрадиција. Србија го товари за воено злосторство сторено за време на војната во Косово, 1998 и 1999 година. Рочиштето траеше само неколку минути.

„Одбиено е барањето за мое испорачување. Отсега сум слободен и одам да го подигнам својот пасош. Денес се враќам во Косово“, изјави Харадинај по ослободувањето.

Во судницата во Колмар беа присутни најблиските соработници на Харадинај.

Харадинај за време на војната беше еден од командантите на Ослободителната војска на Косово во зоната Дукаѓин. Уапсен е на 4 јануари, на аеродромот во Базел, од страна на француската полицијата по потерница издадена од Србија.

Потоа Судот во Колмар на 12 јануари донесе одлука да го ослободи условно, односно мораше да остане во Франција до изрекувањето на одлуката на судот по барањето на Србија за негово испорачување.

Харадинај пред судот во Колмар се појави и на 1 и 9 февруари, како и на 2 март, но судот бараше дополнителни докази од Србија. Рамуш Харадинај, поранешен косовски премиер, двапати е ослободен во Хашкиот суд од обвиненијата за воени злосторства.