Сега не е време за насилство, ова е време за дијалог, порача амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стефансон, осудувајќи ги насилството и инцидентите во Собранието на Република Македонија, по изборот на Талат Џафери за нов спикер на законодавниот дом.
– Слушнавме вознемирувачки вести за настаните во Собранието, кои резултираа со насилство и со инциденти. Маскирани напаѓачи извршија напади врз избрани претставници во Собранието. Сега не е време за насилство, ова е време за дијалог. Апелириме сите страни да се воздржат од потпалувачка реторика. Полицијата е одговорна за воведување на редот – рече Стефансон, зборувајќи во името на Европската Унија и на САД.
Тој изјавата ја даде пред хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје, во присуство на амбасадорите на Холандија и на Велика Британија во земјава, Ваутер Пломп и Чарлс Гарет.
Парлементарното мнозинство, предводено од СДСМ, попладнево, по прекинот на 20. продолжение на конститутивната седница, го избра пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, за нов претседател на Собранието. По ова, демонтранстите од т.н. иницијатива „За заедничка Македонија“ го пробија полицискиот кордон и влегоа во Собранието. Внатре тие нападнаа дел од пратениците на СДСМ. Меѓу повредените пратеници се лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговите колеги Дамјан Манчевски и Максим Димитриевски.
Ситуацијата во Собранието и понатаму е тензична.