“ПРОТЕСТИРАМ” од дијаспората со осуда на нападите во Собранието

Сподели

-“Најострого ги осудуваме синоќешните напади врз пратениците во Собранието на Репбулика Македонија. Како граѓани на Македонија, повторно изразуваме загриженост за состојбата во Македонија и продолжуваме да даваме поддршка на сите демократски сили во државата, соопшти движењето „Протестирам“ од дијаспората.”

„Бараме јавно од надлежните институции во Република Македонија да отворат истраги за насилниците во Собранието. Остро ја осудуваме полицијата, што неорганизирано и споро делуваше во ситуацијата, како и повиците за насилство од страна на одредени демонстранти на „За Заедничка Македонија“ и членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението.

Од „Протестирам“ во дијаспората велат дека иднината на Македонија зависи од нас граѓаните.

„Ние сакаме подобра Македонија, владеење на правото, независно судство, слободни медиуми, демократска власт, прифаќање на различностите, отворено општество, и нова реформска влада која ќе ги стави институциите на здрави нозе и која ќе застане зад работата на СЈО! Ние не сме за Македонија на насилниците, на новите тврдокорни, на националистите, и на поддржувачите на криминалот кои бараат да се спаси една криминална и авторитарна власт што повеќе од една деценија ја уништува Македонија“ стои во соопштението.

„Протестирам“ од дијаспората се огради од изјавите на Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), бидејќи членовите на ОМД претставуваат само еден мал дел од македонската дијаспора.