Заев: Насилството го направија бандити и полицајци поттикнати од Груевски, Иванов и од Чавков

Сподели

Насилството врз новинарите и врз пратениците е поттикнато од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски, Митко Чавков и од група нивни соработници кои ги погодува трансферот на власт и се подготвени за своите интереси да ги жртвуваат државните интереси, рече на прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Насилството што се случи вчера не е демократска вредност. Насилството е резултат на режимот во распаѓање. Затоа вчерашниот ден во парламентот беше тест за Македонија и за сите граѓани. Во периодот што следува мора да покажеме колку сме зрели како граѓани и држава и да застанеме зад вистинските демократски вредности. Не смееме да потпаднеме под провокации, ве повикувам да останеме мирни и присебни – рече Заев.

Лидерот на СДСМ нагласи дека нападот вчера бил обид за убиство по план и со добра умисла и додаде дека тој лично ги познава сите што директно барале одземање на животите и, како што кажа, дел од нив биле полицајци, а дел бандити.

Заев како следен чекор рече дека очекува новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да испрати писмо до претседателот на држава, Ѓорге Иванов, и да го извести за новото парламентарно мнозинство и во следните два-три дена да има доделување мандат за влада.

На новинарско прашање дали ќе оди на лидерска средба кај претседателот Иванов, тој рече дека воопшто не ни размислува за лидерска средба.

– Каде? На клинички центар да ја правиме лидерската со Зијадин Села? Иванов е еден од директните виновници за тоа што се случи во Македонија и не дај Боже да се повтори. Тој е дел од кризата и не може да биде некакво решение на кризата – додаде Заев.

meta.mk