Кандидатката на претседателските избори во Франција и лидерка на радикално-десничарскиот Национален фронт (FN), Марин Ле Пен, изјави дека еврото е мртво и дека Франција мора да ја врати сопствената валута, франкот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за весникот “La Parisien“ (Ла Паризиен), Ле Пен истакна дека контролата на сопствената валута е клучен фактор кој овозможува спроведување на потребните економски процеси.
Ле Пен понатаму тврди дека еврото треба да го користат исклучиво големите компании во меѓународната трговија, и дека еврото како заедничка валута претставува голем товар за Франција.
Во првиот круг од претседателските избори во Франција, минатата недела, учествуваа вкупно 11 кандидати, а лидерот на движењето “En Marche”, Емануел Mакрон, и лидерката на радикалната десница Ле Пен како победници во првиот круг веќе започнаа кампања за вториот круг од изборите за нов шеф на државата, кои ќе се одржат на 7 мај.
Макрон, кој со движењето “En Marche” во Франција привлече големо внимание, во првиот круг освои 24.01 отсто од гласовите, а веќе доби и поддршка на поголемиот дел од елиминираните претседателски кандидати во првиот круг. Макрон за во вториот круг поддршка му дадоа и поранешните партиски другари и челниците на владејачката Социјалистичка партија, односно претседателот во заминување Франсоа Оланд, премиерот Бернар Казнев, и поранешниот премиер Мануел Валс.
Паралелно со тоа, муслиманските и еврејските заедници во Франција исто така ги повикаа гласачите да гласаат за Mакрон, а не за Ле Пен, која е позната по популистичката реторика против тие две малцински заедници во земјата.
Од друга страна, аналитичарите сметаат дека Ле Пен би можекла да го привлече гласачкото тело на конзервативецот и евроскептикот Николас Дупонт, којшто во првиот круг доби 4,7 отсто од гласовите.
Ле Пен најави и дека ќе поднесе оставка на позицијата претседателка на Националниот фронт, а аналитичарите тврдат дека тоа е потег со кој најпознатата политичарка во Франција сака да ја добие довербата на конзервативците и на радикалната левица.
Агенцијата Ипсос/Сопра Стерија (Ipsos/Sopra Steria) спроведе истражување според кое во вториот круг од трката за претседател на Франција Maкрон би требало да освои 64, а Ле Пен 36 отсто од гласовите.