АЛБАНИЈА: Македонците наместо со Еди Рама, во коалиција со Илир Мета

Сподели

Извршниот комитет на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија (МАЕИ) донесе одлука за наредните парламентарни избори во Албанија, кои треба да се одржат на 18 јуни годинава, да коалицира со Движењето за социјалистичка интеграција на Илир Мета.

Откако Илир Мета се откажа од партиската лидерска позиција, по изборот за претседател на Република Албанија, сега Движењето за социјалистичка интеграција привремено го води Петрит Васили.

Досега МАЕИ беше во коалиција со Социјалистичката партија, предводена од премиерот Еди Рама.

Васил Стерјовски, генерален секретар на МАЕИ, на заедничката листа за пратеници во парламентот на Република Албанија, ќе биде кандидат во изборната единица за Корча, известува весникот на македонски јазик „Илинден“ на својата веб-страница.

meta.mk