Овој текст го пишувам во денешното убаво утро додека пред мене се емитува видео материјалот од влегувањето на Талат Џафери во кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија и неговата средба со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Семуел Жбогар. Ете и тоа се случи, парламентарното мнозинство изгласа претседател на Собранието. Отворени се вратите за избор на нов мандатар и за нова Влада и веќе никој не може да ги затвори. По многу, бескрајно многу опструкции, подметнувања, лаги, притвори, навреди и силеџиства, сепак, работите доаѓаат на своето место. На некои местото ќе им биде на обвинителна клупа, а на некои на кормилото на власта. Секому според заслугите.
Кога пред двеипол години, испровоцирана од неправдите и авторитарниот манир на владеење на Груевски и Фамилијата, се одлучив да излезам од комотноста на она што се нарекува – анонимен граѓанин и кога одлучив активно и на јавна оценка да ги изнесувам сопствените гледишта и ставови, бев и сé уште сум длабоко убедена дека сум ја фатила страната на слободата. Дека од почетокот сум била на вистинската барикада, меѓу автентични ликови со широки срца и уште пошироки насмевки, меѓу слободни луѓе со храброст и критичка свест, а пред сé, меѓу нормални граѓани и вистински другари. Дека нашите чекори и нашите гласови несопирливо ѕвонат надлгласувајќи ги заропнатите клетви и пцовки, како најава за подоброто утре, за посветло сонце, за вдишување со полни гради.
Она што не го знаев, што не го претпоставував и што ниту на сон не можев да го предвидам, е дека нашата македонска голгота ќе трае толку долго и толку исцрпувачки. Како секој здраворазумски човек воспитуван да прави разлика меѓу добро и зло, очекував дека по објавувањето на „бомбите“, Груевски веднаш ќе си даде оставка, ќе ѝ се извини на целата нација и ќе побара прошка. Така прават одговорните политичари и државници секаде во светот (освен со ретки исклучоци), бидејќи интересот на државата им е над сé. Очекував и дека неговата партија, која се декларира за родољубива и конзервативна, декларирајќи ја честа и чесноста пред сé, ќе го осуди и ќе се огради од него. Очекував и дека неговите следбеници, кои се прикажуваат за патриоти, ќе изразат јавен презир кон нивниот довчерашен водач и дека истражните и судските органи, кои имаат полна уста независност, ќе побрзаат да ги процесуираат сите сомневања од прислушуваните разговори за да докажат дека се објективни и професионални.
Арно ама, опасно се излажав. Ниту Груевски имал чувство за одговорност кон сопствената држава, ниту неговата партија покажа капацитет за државност, ниту неговите следбеници биле патриоти, а најмалку обвинителствата и судовите биле независни. Пред моите очи пукна една грда слика на заробена, силувана и испокрадена држава, за лицемерни функционери и ненаситни властодршци, за обесчестени слуги на режимот цврсто приковани во медиумите, универзитетите и институциите, за деликвенти со бричени глави, фантомки и пилешки мозок и за еден бескрајно исплашен и за ситни пари поткупен народ. На некои од нив им претстои соочување со правната држава, а не другите соочување со сопствениот срам.
Преку 150 осврти на мојот фб профил, најголемиот дел преземени од голем број портали и весници, повеќе од 30 колумни во неделникот Фокус, неколку десетици интервјуа и дебати во медиумите и уште толку тркалезни маси и форуми, неброени часови поминати на студентските и професорските пленуми, на демонстрациите пред МРТВ, пред СЈО и со Шарената револуција, како и една модринка од полициски пендрек, нека бидат мојот скромен влог во нашата голема битка и уште поголема победа. Навредите и заканите кои ги добивав директно и посредно, се изгубија во топлата поткрепа, поддршката и искрената дружба со многуте новостекнати другари и пријатели, кои ми станаа најголемо богатство.
Мојата патека беше нашиот пат. На местото на моето првично запрепастување од примитивноста на поддржувачите на злото, дојде фасцинацијата и величественоста на моментот кој се нарекува – силидарност во заедничка цел. Сретнав прекрасни хумани луѓе со револуционерен жар, подготвени секогаш и секому да помогнат. Дишев воздух заедно со нив, работев заедно со нив, се радував и плачев заедно со нив. Го видов убавото лице на Македонија.
И сега, кога излеговме од тунелот, мора да ги подвиткаме ракавите и да се фатиме за работа. После овој десетгодишен земјотрес, ќе треба здрава реставрација на демократијата, на вредносните системи, на чојството.
Најбитно е дека најбитното – бидна. Нека ни е со среќа!
Гордана Попсимонова