ФБ СТАТУС: ИВОН ВЕЛИЧКОВСКИ – Изборот на Макрон најавува неколку правци и ефекти кои се исцртуваат во атланско-медитеранските земји-членки на ЕУ

Сподели

Макрон: Либералниот про-ЕУ центрист што брише клишеа и менува политичка карта (на Франција)

Макрон не е почеток на Шестата Француска Република, но секако е демократскиот одговор на Петтата кон евроскептичниот популизам и полит-верзиите на франко-путинизам.
Неговиот избор денес најавува неколку правци и ефекти кои се исцртуваат во атланско-медитеранските земји-членки на ЕУ.

Првиот е дека левицата (социјалисти, социјал-демократи, комунисти) веќе не е основниот континентален одговор на десничарскиот популизам и економско-безбедносните предизвици, туку центризмот/либерализмот – внимателен кон социјалните потреби, но пред се пазарно и претприемачко ориентиран во економијата.
Вториот е дека националистите, ксенофобите и евро-скептиците ќе ги групираат силите и ќе се „окрупнуваат“,со сите што се гледаат подесно (од конзервативизмот). Парламентарните избори во јуни ќе бидат првиот показател колку тоа е можно. Дуплираните гласови денес за Националниот фронт опоменуваат.
Третиот е дека идната атланска граница на ЕУ по Брегзит, најавува дека нема Фрегзит, но ќе следи дебата за функционализацијата на Унијата.
Четвртиот, дека класичните партии што ги креираа политичките системи го отстапуваат местото.

Секако, сите горенаведени специфичности нема веднаш и/или идентично да се преточат во Македонија и воопшто на Балканот. Но, обидите за превентивно загадување на центризмот и либерализмот во Македонија се индикативен обид да се „изгори“ неминовното пред време. И, иако покажуваат паничност, сепак се симпатични – оти пораките се јасни, а процесите несопирливи.

Фб статус, Ивон Величковски