DW: И ОЈО станува учесник во злосторничко здружение?

Сподели

Од ОЈО не ги објаснуваат правните квалификации, ни лабавите мерки за пратпазливост кон осомничените за насилството од 27 април. Јавноста е гневна што обидите за убиства и телесни повреди се сведени на „учество во толпа“, пишува Дојче веле.

Незадоволство и бројни реакции го следат начинот на кој Основното јавно обвинителство (ОЈО) ги третира идентификуваните насилници и актите што тие ги извршиле во „крвавиот четвтрток“ на 27-ми април. Реагираат и граѓани и лица од правосудниот систем.

„Од ОЈО ги гледаат дрвата, а не ја гледаат шумата“, вели адвокатот Александар Тортевски.

„Гледаат фрагменти, а мижат пред големата слика. Немам дилеми дека ова беше злосторничко здружение подготвувано со една цел: да се спречи мирно преземање на власта од страна на парламентарното мнозинство. За да ги затскријат вистинските цели на злосторничкото здружение, беа ангажирани неколку лица да организираат ‘спонтани народни’ протести, за кои Груевски однапред најавуваше дека не ќе може да ги контролира. За медиумска поддршка на ваквиот план беа ангажирани медиуми кои со години беа наградувани од државни пари, а беше обезбедена и ‘научна’ поддршка на државниот удар од разни квази-експерти. За извршување на најтешките кривични дела беа ангажирани лица од подземјето и лица со криминален ментален склоп, кои со години се вработувани во државни служби. Правна заштита на целото злосторничко здружение требаше и се уште му укажуваат Марко Зврлевски, Гордана Гешковска и голем број судии од Скопје 1 со што стануваат истакнати членови на здружението“, вели Тортевски.