Американските медиуми, повикувајќи се на неименуван извор од Белата куќа, објавија дека американскиот претседател нема намера да ја премести американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, и дека тоа ќе биде уште едно од неговите неисполнети предизборни ветувања, пренесува Anadolu Agency (AA).
Не откривајќи го идентитетот на претставникот од Белата куќа, медиумската компанија „Bloomberg“ (Блумберг) објави дека американската администрација смета оти во овој момент нема да биде мудар потегот за преселување на амбасадата, и тоа Ерусалим да се признае како главен град на Израел.
„Ние јасно го ставивме до знаење нашиот став до сите страни, и она што ние би сакале да се случи, но се разбира, не сакаме да испровоцираме никого затоа што сите се љубезни и подготвени да соработуваат“, рече неименуваниот претставник.
За време на минатогодишната предизборна кампања, Трамп вети дека ќе ја пресели американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, а американскиот потпретседател, Мајк Пенс, на почетокот на април изјави дека Трамп сериозно размислува за овој потег.
Иако американскиот Конгрес во 1995 година ја изгласа одлуката за преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, тројца американски претседател: Џорџ Буш, Бил Клинтон и Барак Обама го одложуваа спроведувањето на таа одлука со цел зачувување на националните интереси во регионот, не сакајќи дополнително да го загрозат мировниот процес на Блискиот Исток.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на почетокот од годината изјави дека очекува амбасадите на сите земји да се преселат од Тел Авив во Ерусалим, за којшто рече дека е главен град на Израел.
Меѓународната заедница не ги признава тврдењата на Израел за Ерусалим како главен град на таа земја и поголем дел од амбасадите се сместени во Тел Авив. Повеќето палестински лидери предупредија дека преместувањето на американската амбасада би значело признавање на израелската окупаторска политика.