Развојниот пат и биографијата на новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, во целост се посветени на културата, особено на издаваштвото и развојот на културните политики. Неретко јавно се огласуваше со свој коментар за каков било облик на репресија во државата, и е голем обожавач на рокенрол културата и јамајканската „раста“ идеологија. Во кусото интервју кое го даде за Макфакс вели дека приритетите ќе бидат стопирање на налудничавиот проект “Скопје 2014“, нов закон за заштита на културно наследство и департизација на институциите во културата.
-„Скопје 2014“ мораме веднаш да го запреме затоа што како од Пандорина кутија, секојдневно, во глуво доба и во црн мрак излегуваат нови кичести споменици, скулптури, пасажи, колонади коишто никому не му требаат, а кои прескапо ни ги наплаќаат, изјави за Макфакс Алаѓозовски.
Културното наследство. според него мора веднаш да се заштити затоа што секојдневно поради негрижа се оштетува и се губи.
-Во таа смисла ќе донесеме нов закон за заштита на културното наследство и ќе ја утврдиме приоритетната листа на споменици на кои им е потребна итна заштита. Веднаш ќе ја подобриме транспарентноста на Министерството и ќе направиме реформа на она што се нарекува Годишна програма за остварување на националниот интерес.
Бидејќи претходниот стратешки план на Министерството истекува годинава, ќе направиме сеопфатна анализа на неговата имплементација, воедно и анализа на целокупната состојба во културата, во институциите и тоа ќе биде база за утврдување на новата културна политика и приоритетите на новиот стратешки план. Ќе почнеме веднаш со развој на публика и на културна децентрализација, со цел да овозможиме секој граѓанин да го оствари правото на култура, вели Алаѓозовски.
Тој најавува ревизија во првите шест месеци на „Скопје 2014“.
-Ќе направиме сериозна анализа на тоа што е изградено, што е вградено, колкава му е вредноста, колку ќе чини одржувањето на тие згради и обележја. Ќе направиме меѓународна конференција за проектот со развој на идни сценарија што со него. Ќе бидеме внимателни со решенијата. Десетпати ќе мериме, еднаш ќе сечеме, по сеопфатна граѓанска дебата. Она што секако веднаш ќе го направиме е да извршиме деконтаминација на македонскиот дух од квазиидеологијата што овој проект ја еманираше и што сè уште ја држи земјата заробена како зла клетва на некој лош маѓепсник.
За себе вели дека е професионален и непартиски кадар.
-И тоа не е по исклучок, туку сме со намера да биде правило. И досегашните закони пропишуваа професионализација и департизација, но, за жал, беа изиграни. Ние ќе ги почитуваме законите и ќе имаме активна културна политика, во склад со општите владини политики за враќање на државата на граѓаните.
Алаѓозовски е основач и главен уредник во издавачката куќа „Готен“. Претседател и проектен директор во Здружението на граѓани „Есперанца светски културен центар“. Се занимава со менаџирање на интердисциплинарни проекти од областа на културата (Критичка култура, интеркултурна соработка, глобална мобилност).
Роден е во Струмица во 1973 година, оженет и татко на две деца. Член е на Друштвото на независни писатели на Македонија.
Матурирал во 1992 година во гимназијата „Јосип Броз Тито” во Скопје, во културолошка насока, со одличен успех.
Дипломирал во 1997 година на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, со просек 9.03. Одбранил дипломска работа на тема: „Романот ‘Ние’ од Евгениј Замјатин во контекст на негативната утопија”.
Во 2002 година ја одбранил магистерска тема со наслов „Теориско-поетички аспекти на македонската постмодернистичка проза” на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, а во 2006 година се стекнува со европска диплома по културен проектен менаџмент во организација на фондацијата „Марсел Хиктер“ од Брисел.
Од 2011 година е во подготовка на докторска теза од областа на културниот менаџмент на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје.
Од 2005 до 2014 година бил претседател на Европската мрежа на менаџери во културата „Оракл“ со седиште во Брисел.
Член е на педагошкиот тим на Европската диплома по културен проектен менаџмент со седиште во Брисел.
Исто така, бил член на уредувачкиот одбор на слисанието „Сараевски тетратки“.