Новиот министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, ја презеде должноста од Никола Попоски. Претходно, новите членови на Владата на Република Македонија беа пречекани од претседателот Ѓорге Иванов, а во текот на денот се извршуваат примо-предавања на должностите во некои министерства, јавува Anadolu Agency (AA).
По примањето на функцијата од Попоски, Димитров рече дека ќе работи на подигнување на достоинството на оваа професија, како и на создавање на надворешната политика на министерството со кое ќе ракопводи.
„Ќе работам да ги убедам и ЕУ и НАТО дека вратите треба да ги отворат. Ова е шанса и за регионот, меѓутоа и за самата Европа, ова треба да се искористи“, изјави Димитров.
Новиот шеф на македонската дипломатија истакна дека новата влада сака да има добри односи со соседите, земјата да биде почитувана и да има многу пријатели во регионот и пошироко. Тој се осврна и на односите со Грција, за кои изрази оптимизам дека во иднина ќе се подобрат.
„Ќе водиме една мудра и разумна политика заедно со опозицијата да го извлечеме прашањето за името од политичката битка да изградиме консензус и тогаш кога ќе има пристојно решение, сите заедно да застанат зад тоа решение. Името не може да биде предмет на партиска политичка битка ако сакаме тоа прашање да се затвори вистински”, истакна Димитров.