Аневски го добил предлогот за разрешување на Зврлевски и ќе закаже седница

Сподели

Советот на јавни обвинители денеска го добоил предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, потврди за „Мета“ претседателот на Советот, Петар Аневски.

Предлогот во Советот на јавни обвинители пристигнал денеска во 11.30 часот, а како што ни изјави Аневски, Советот дополнително ќе утврди термин кога ќе се одржи седницата на која ќе се одлучува за него.

Советот, според законот, треба во рок од 15 дена од добивање на решението, да достави до Владата образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма по предлогот за разрешување на јавниот обвинител. Доколку Советот на јавни обвинители од оправдадни причини не го направи тоа во предвидениот рок, тогаш, според законот, му се даваат нови 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата.

Аневски вчера изјави дека Советот ќе го одговори во првите 15 дена од рокот, но не сакаше да прејудицира какво ќе биде мислењето.

Прашан какво е неговото мислење за работата на Зврлевски, Аневски рече дека според него, „државниот обвинител бил перфектен досега“, односно дека нема никакви забелешки за неговата работа.

Инаку, Зврлевски има право писмено да се произнесе за предлогот на Владата за негово разрешување, но нема право да учествува на седницата на Советот на јавни обвинители, чиј член е по службена должност.

Новата Влада во понеделникот оваа недела донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата.

meta.mk