Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО и ја укина гаранцијата од 900.000 евра на Кочан

Сподели

Апелацискиот суд Скопје ја прифатил жалбата на Специјалното јавно обвинителство и ја укинал одлуката на судијата на претходна постапка од Кривичниот суд, со која беше прифатена гаранцијата од околу 900.000 евра на бизнисменот Сеад Кочан за да може да се брани од слобода во случајот „Труст“, соопштуваат од судот.

Одлуката за укинување на гаранцијата, Апелацискиот суд ја донел на седница што била одржана завчера. Кривичниот совет на судот оценил дека не биле доставени сите потребни докази од кои би се утврдила основаноста на понудената гаранција.

Предметот, како што информираат од Апелацискиот суд, сега се враќа на повторно одлучување кај судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1.

Кривичниот суд на средината од минатиот месец го одби барањето на СЈО на Кочан да му биде одреден притвор и го прифати предлогот на неговиот адвокат, да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да се јавува еднаш неделно во судот.

Кочан е првоосомничен во случајот „Труст“, во кој, заедно со уште две лица и со фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани“, СЈО го товари дека со фалсификувана документација добил тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.