ЗА ПРОПУШТЕНИТЕ И НАПРАВЕНИТЕ НЕШТА – Александар Литовски

Сподели

Ние сме она што непрестано го правиме.

Аристотел

Велат дека животот на секој човек има смисла само доколку има определена припадност и одредена цел. Всушност, сите луѓе, во зависност од она што го прават или не го прават, определуваат каков ќе биде нивниот живот. Оттука, прифатлива е констатацијата дека вредноста на секој живот може да се оцени на неговиот крај, од едноставна причина што во нормални услови, успехот во животот единствено значи – исполнет живот! А, пак, консеквентно од ова, смртта е единствениот миг во кој може да се оцени дали и колку некој е среќен или несреќен.

Постои еден старогрчки мит за човекот со име Анкај, син на Ликург од Аркадија. Според приказната, Анкај пред да тргне на пат заедно со Аргонаутите, засадил лозје, а пророкот му претскажал дека никогаш нема да проба вино од него. Кога ги преживеал сите случки со Аргонаутите и по многу години се вратил на својот имот, седнал во удобна столица и наредил да му донесет вино од лозјето на кое се однесувало претскажувањето. Кога чашата со вино стигнала пред него, Анкај со надменост започнал да го исмејува и навредува пророкот заради погрешното претскажување, на што овој му одговорил: „Има многу простор меѓу чашата и усните“. Во истиот момент, влетал еден од слугите на Анкај и панично ја донел веста дека див вепар ги уништува лозјата. Анкај веднаш, со трчање излегол од куќата со намера да го убие вепарот, но само што стигнал на лозјето веднаш бил убиен од вепарот. Виното останало недопрено, пророштвото исполнето, а останала и старогрчката поговорка:  „Немој никогаш да наречеш некого среќен сѐ додека не умре“.

Поаѓајќи од ваквите констатации, станува сосема јасно дека, за да се има исполнет живот, потребно е да не се пропуштат убавите, добрите и вредните нешта, односно потребно е да се направат само доблесни и морални дела! И, обратно, потребно е секогаш да се пропуштат, да не се направат – лошите и неморални нешта и дела. Ова е исклучително важно да се запамети и да се потенцира, оти сѐ повеќе преовладува сфаќањето: „Сѐ е добро! Добро е кога нешто се работи, добро е кога нешто се прави!“ Се работи за еден вид на „апсолутен оптимизам“ со кој се брише етичката или естетската димензија на светот и со кој се наоѓа оправдување за рамнодушноста и неактивноста. Ернст Блох констатира дека „автоматскиот оптимизам за секоја темелна одлука е, исто така, отров како и апсолутниот песимизам“, оти апсолутниот песимизам произведува „обесхрабрување“, а „автоматскиот оптимизам“ произведува „трпење“ и „пасивност“. Имено, со „апсолутниот оптимизам“ повеќето луѓе се обидуваат да се „излажат“ себеси и другите дека нема ништо лошо околу нив и оттаму нема потреба од нивно ангажирање. Всушност, тие само бараат оправдување за својата „рамнодушност“ кон сите лоши и неубави нешта што се случуваат околу нив, односно се обидуваат да се ослободат од одговорноста и вината за непреземањето ништо за да се спречат лошите нешта или да се подобрат работите. Но, сите мора да ги имаме предвид зборовите на Алберт Ајнштајн дека „светот е опасно место за живот не заради луѓето кои прават зло, туку заради луѓето кои седат и дозволуваат тоа да се случи.“

Тезата за тоа дека „сѐ што се прави е добро“ многу лесно може да се побие. Наједноставно, најлесно и најочигледно е ако само на момент размислите за она што го правеле, на пример, Џингис Кан, Селим I, Хитлер… Тогаш ќе сфатите дека таквите многу правеле, ама од тоа малку или воопшто не може да се оцени како добро. Дури, секако, ќе било подобро ништо да не направеле. Затоа, секогаш помнете ги зборовите на британскиот нобеловец Џозеф Киплинг: „Што вреди што галопираме, ако се движиме во погрешен правец.

Луѓето илјада пати повеќе се трудат да стекнат материјално наместо духовно богатство, иако е сосема сигурно дека нашата среќа ја создава она што сме, а не она што го имаме“ – вели Артур Шопенхауер. А, дека многу нешта се движат „во погрешен правец“, дека среќата се бара во погрешни нешта кои се прават, може да се види од денешниов потрошувачки стил на животот кој преовладува, и кој најкратко може да се опише: работа, купување, озборување, гозба, забава, пијанчење, дрогирање, проституирање, коцкање, глупирање… На овој начин на повеќето луѓе им минуваат часови, денови, месеци, години… Им минува – животот! Сосема е очигледно дека „таквите мислат дека… среќата е исто што и задоволството, а задоволството е кога телото го добива она што му е потребно“. Но, како што предупредил Хераклит од Ефес, „ако среќата се наоѓаше во телесните задоволства, ќе ги сметавме за среќни говедата кога ќе се најадат сено…“ Всушност, се чини дека настапило време во кое „потрагата по среќа е еден од главните извори на несреќа.“ /Ерик Хофер/ Затоа, ако од високо ја погледнеме таа неброена толпа луѓе (службеници, политичари, трговци, туристи…), кои сѐ нешто брзаат и ништо суштинско не прават, кои непрестано живеат една живеачка со лажен сјај, а живеат, всушност, со една духовна и интелектуална беда, ќе помислиме дека гледаме неброени роеви муви и комарци, што меѓусебно се караат, војуваат, се шегуваат, си поставуваат сопки, се ограбуваат, паѓаат, и сите, порано или подоцна – умираат! Попатно, скоро сите се претвораат во морално лоши и интелектуално тупи и изопачени луѓе, со чија свест и совест лесно се манипулира.

Така, за жал, можеме да констатираме дека во денешново време на пореметени норми, во време кога „ретко се наоѓа она што е вистинско, а уште поретко се цени“, во време кога „во светот, главно, царува злото, а главниот збор го има глупоста“ /Шопенхауер/, сѐ помалку луѓе се спремни да прават добри и убави нешта. Како што рекол Алдус Хаксли: „Во доброто веруваат уште само малку од оние што го чинат.“ Притоа, се чини дека никој, или ретко кој, е задоволен со она што го има, а повеќето се восхитуваат и го посакуваат она што е туѓо. Алчноста и завидливоста од капитализмот се претворени во основни движечки нагони на човештвото. Поради тоа се случува сите дарови, сета убавина и смисла на животот да се растурат и да пропаднат.

На умните одамна им било познато дека често, од најголемите и најважни нешта, луѓето можат да бидат одвратени и оттргнати од најситните и најневажните нешта. Затоа, добро е да знаете дека, доколку ги пропуштате таквите нешта што ви го прават животот побогат и поисполнет, тогаш, сосема сигурно, сте во ненадоместлива загуба. Веројатно, најлошата варијанта е кога ќе се свртите и ќе сфатите дека добрите и убавите нешта сте ги истерале од вас и сте ги испуштиле целосно – непотребно! Можете да бидете сосема сигурни дека тогаш ќе се чувствувате ужасно лошо и несреќно. Оти, тогаш се јавуваат дилемите: Дали мораше така да биде? Зошто не направив поинаку? Свеста дека нешто вредно сте го истерале од себе со својата лоша проценка или своето лошо однесување, со својата суетност, со своите заблуди или малограѓански предубедувања, со своето профитерско размислување, таа свест, секогаш додека сте живи, ќе ве измачува. Веројатно, секогаш, повеќе или помалку, ќе ја имате во својата глава мислата – згрешив! И, секако, ќе се чувствувате песимистички, меланхолично, несреќно, лошо… Затоа, уште еднаш да нагласам, никогаш и никако немојте да ги пропуштите убавите, добрите, вредните нешта, односно никогаш немојте да ги бркате од вас убавината, љубовта, вистината, правдата… Тие, и само тие, се оние нешта што го прават животот исполнет, среќен и вреден!

А, филозофијата според која „времето лечи сѐ“, немојте да ве залажува, оти, едноставно, не е вистинита. Освен тоа, немојте многу да се надевате и на сфаќањето дека кога-тогаш „ќе заборавите“. Тоа е она сфаќање „тоа што било поминало и воопшто не е важно.“ Тоа, едноставно, не функционира, оти не може нормален човек да не се сврти наназад и да не види што направил или не направил, што згрешил и пропуштил.

На крајот, да кажам и нешто за оние кои мислат дека може да имаат замена за пропуштените нешта. Верувајте, грешат, затоа што за вредните нешта не постои и не може да постои замена. Размислете, со што, на пример, би ја надоместиле љубовта што сте ја загубиле? Со што ќе го замените оној што навистински ве љубел? Зарем не знаете за зборовите на Виктор Иго дека „најголема среќа во животот е убеденоста дека сме љубени – љубени заради тоа какви што сме или уште повеќе, наспроти тоа какви сме“? Сигурен сум дека сте слушнале за тоа дека најтешка клетва е онаа: „Да имаш па да немаш“. Затоа, мислам дека нема понепријатно чувство во животот од она кога сте свесни дека сами себе сте си ја одзеле љубовта и наклонетоста од некого, оти тогаш си го лишувате сопствениот живот од секаква смисла и пријатност. А, навистина се бедни оние кои се убедени и сакаат другите да ги убедат дека љубов не постои и дека сѐ се сведува на суета и интерес. Тие „циници“, како што ги нарекува Оскар Вајлд,ја знаат цената на сѐ, ама не ја знаат вредноста на ништо.“

Ако копнееме за искреност и љубов, ако се стремиме кон вистина и правда, ако направиме корисни и добри нешта, значи  дека сме имале исполнет и вреден живот. Притоа, за секое правење или неправање на нешто, за секое зборување или незборување, дејствување или недествување, најважно е тоа да биде долично на човекот и човечноста. Самуел Бекет рекол: „Најголемата работа за човекот се состои во тоа да знае што сѐ мора да направи за да биде човек.“ Затоа, добро и убаво е да ги бараме и цениме доблесните, праведните и убавите нешта, а да ги осудуваме и отфрламе лошите, нечесните и грдите постапки и дела. И, секако, треба да ги уважуваме и почитуваме луѓето чијшто живот е посведочен со чесни и величествени работи, луѓето кои ни мислат добро на нас и кој нѐ љубат, па и пошироко, луѓето кои мислат на општото добро, кои го унапредуваат животот на сите и кои го прават светот подобро и попристојно место да се проживее човечкиот живот…

/Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“, Аз-буки, Скопје, 2012./